Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес во Генералштабот на Армијата оствари средба со заменик-командантот на НАТО Здружената команда во Неапол (JFC Naples), генерал-потполковник Петер К. Скот, кој е во посета на Армијата.
На средбата беше реафирмирана одличната и континуирана соработка помеѓу Армијата и JFC Naples. Дополнително, беа разгледани актуелните безбедносни предизвици, процесот на модернизација и опремување на Армијата, како и улогата на Армијата во европската и колективната безбедност преку учеството во мировни мисии, операции и НАТО активности во странство.
Во рамки на посетата, генералот Скот оствари и средба со министерот за одбрана Владо Мисајловски, на која се разговараше за НАТО предводените мисии и операции во Косово (КФОР) и на источното крило на НАТО, како и за континуираната поддршка од страна на JFC Naples за македонските контингенти ангажирани во овие мисии.
Во оваа прилика, генералот Скот ја потврди одличната соработка и воспоставените трајни односи со Армијата, истакнувајќи дека одржувањето и зајакнувањето на врските помеѓу JFC Naples и земјите кои се во нејзината зона на одговорност се од исклучително значење за градење меѓусебна доверба и разбирање, а со тоа и унапредување на регионалните партнерства.
Како дел од програмата, генералот Скот го посети и армискиот полигон „Криволак“, каде што се запозна со можностите и капацитетите за изведување на обука и комплексни воени вежби, а кои досега се потврдени преку бројни меѓународни вежбовни активности со сојузниците и партнерите.








