Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски на почетокот на посетата на Соединетите Американски Држави во текот на вчерашниот ден оствари работна посета на одделот за мировни операции на Организацијата на Обединети Нации (ООН) и постојаната мисија Република Македонија во ООН.
За време на престојот во Њујорк делегацијата на АРМ најпрвин имала средба со највисокиот советник на постојаната мисија на Франција во ООН, бригадниот генерал Тиери Лион на која се разговарало околу долгогодишното искуство кое Франција ги има во мировните операции.
Потоа генералот Величковски остварил работни состаноци со потсекретарот за мировни операции при ООН, г-дин Жан Пјер Лакроa и со воениот советник при одделот за мировни операции генерал потполковник Карлос Лоитеи.
На разговорите се опфатиле повеќе прашања поврзани со мировните мисии предводени од ООН од аспект на воениот дел од ангажирањата, како и придонесот на овие операции кон зголемување на глобалната безбедност и светскиот мир.
Генералот Величковски во разговорите пред високите претставници на ООН ги истакнал стекнатите искуства во меѓународно окружување, стратегиските определби и придонесот кон глобалниот мир кој го дава Република Македонија со учеството на единици на АРМ во мировните мисии предводени од НАТО и ЕУ но и со десет годишното учество со свој претставник во мисијата на ООН, „Унифил“ во Либан.
Од страна на соговорниците биле посочени искуствата и предизвиците со кои ООН се соочуваат за време на мировните операции но и придобивките и обврските кои ги имаат земјите членки при учество во овие мисии како и актуелните ангажирања на ООН во мировните операции.
Потсекретарот за мировни операции на ООН, Жан Пиер Лакроа истакнал дека е уверен дека учеството на АРМ со штабен персонал ќе биде од значење за АРМ во стекнување на ваков вид на искуства во извршување на мировните операции предводени од ООН.
Претходно во постојаната мисија на Република Македонија во ООН, НГШ се сретнал и со Амбасадорот, Василие Андоновски со цел запознавање со динамиката и работата на македонската мисија во рамките на ООН.
Република Македонија својот придонес во мировни операции предводени од ООН, го започна во мај, 2007 година со испраќање на еден припадник на Армијата на Република Македонија на место штабен офицер во здружениот оперативен центар во Нагура во мисијата „Унифил“ во Либан со мандат од по една година.