Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски кој ја предводи воената делегација на Армијата на Република Северна Македонија, денес во Сараево оствари посета на здружениот штаб на вооружените сили и министерството за одбрана на Босна и Херцеговина.
По приемот со високи воени почести, генералот Ѓурчиновски оствари средби со заменик министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Мирко Околиќ и со неговиот домаќин, началникот на Здружениот штаб, генерал-полковник Сенад Машовиќ, по што следуваа официјални разговори и со дел од военото раководство на здружениот штаб.
За време на официјалниот состанок генералите Ѓурчиновски и Машовиќ разговарале за збогатување на традиционално добрата билатерална одбранбена соработка, при што е искажана подготвеност за споделување на стекнатите искуства во процесот на нашето интегрирање во НАТО Алијансата кое исто така е стратегиска определба на Босна и Херцеговина. Меѓудругото, беше искажано задоволство од обуката и едукацијата на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во Центарот за обука во операции за поддршка на мирот на вооружените сили на Босна и Херцеговина во Бутмир, како и едукацијата на припадниците на вооружените сили на БиХ во Регионалниот центар за односи со јавност во Република Северна Македонија.
За време на средбата со заменик министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Мирко Околиќ, на која од негова страна е изразено задоволство за досегашната соработка, притоа очекувајќи продолжување на споделување на меѓусебните искуства и поддршка помеѓу двете земји.
На средбата со Околиќ, генералот Ѓурчиновски истакнал дека меѓусебната соработка ќе продолжи да се збогатува во взаемен интерес. Притоа нагласувајќи дека Република Северна Македонија како полноправна членка на НАТО е подготвена да ја даде секоја потребна помош во интеграција на Босна и Херцеговина во Алијансата и другите меѓународни организации.
На состанокот како позитивни биле оценети заклучоците на штотуку завршената конференција на началниците на земјите членки на Форумот Б-9 кој во вторникот се одржа во Сараево.
Билатералната соработка на полето на одбраната со Вооружените Сили на Босна и Херцеговина се одвива во полето на воената едукација, учество во заеднички меѓународни вежбовни активности, курсеви во Регионалниот центар за односи со јавност, учество во Балканските медицински наменски сили и заедничко учество во регионалните иницијативи А-5 и Б-9.
Во текот на утрешниот ден, делегацијата предводена од генералот Ѓурчиновски ќе го посети и кампот Бутмир каде ќе има средба со командантот на мисијата ЕУФОР, генерал-мајор Александер Плацер.