Претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, во рамки на неговата официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија, денес престојуваше во Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата.
По пречекот со високи воени почести, адмирал Бауер оствари средби со својот домаќин, началникот на ГШ на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
За време на средбата помеѓу генералите Ѓурчиновски и Бауер се разговараше за актуелни теми поврзани со нашето учество во активностите и операциите на НАТО, за активностите на Армијата, трансформацијата и опремувањето, како и за други аспекти кои се однесуваат на заедничката безбедносна политика кои произлегуваат од заклучоците на состаноците на Воениот комитет на НАТО.
На заедничкиот состанок пред делегацијата беа презентирани плановите и развојот на способностите на Армијата на Република Северна Македонија, процесот на трансформација и опремување, како и учество на Армијата во операциите и вежбовните активности.
Од страна на генералот Ѓурчиновски беше истакнато дека Генералштабот и Армијата успешно ги реализираат сите приоритети кои се однесуваат на исполнување на стандардите и достигнување на целите на способности во предвидената динамика. „Во периодот од следните десет години сме насочени кон изградба на мобилни, одржливи и соодветно опремени единици способни за брзо распоредување, одржливост на капацитетите кои се однесуваат на персоналот, опремата и инфраструктурата, модернизација и опремување во согласност со утврдените приоритети“, истакна генералот Ѓурчиновски.
Министерката Петровска, на прес-конференцијата со адмиралот Бауер и генералот Ѓурчиновски истакна дека државата е активен сојузник кој ја зацврстува колективната безбедност, посветено работи на развој на своите капацитети и цврсто верува во единството и кохезијата во Алијансата.
„Ако има нешто во кое веруваме целосно и за кое се бориме бескомпромисно, тоа е нашето единство и кохезија како Алијанса. 31-на земја со еден глас кој вели – нема компромис за безбедноста, сигурноста и стабилноста на секоја педа сојузничка територија и за граѓаните на нашите држави, а тоа се над една милијарда луѓе во светот. Северна Македонија покажа и докажа како изгледа еден посветен сојузник“, рече министерката.
Началникот на Генералштабот, генералот Ѓурчиновски информираше дека со највисокиот воен претставник на НАТО разговарал за тековните развојни процеси во одбраната, за реформите и трансформацијата, учеството во операции и за приоритетите за наредната декада.
Од страна на адмиралот Роб Бауер, на прес-конференцијата се искажаа пофални зборови за нашата посветеност во колективниот систем на обрана на НАТО. „За само три години постигнавте импресивно ниво на воена интеграција во НАТО, приспособувајќи ги вашите структури и сили на потребите и барањата на НАТО, како и зголемување на вашата интероперабилност. Најавивте темелна ревизија на вашата стратегија за национална безбедност, за да може да биде повеќе во согласност со Стратешкиот концепт на НАТО. Ова ќе овозможи уште поголемо усогласување на нашето одбранбено планирање и нашите заеднички одговори…“, истакна Бауер.
Во текот на денот адмиралот Бауер ќе оствари средба и со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Воедно Бауер ќе ја посети касарната „Илинден“, каде ќе присуствува на дел од предвидените активности на баталјонот на специјални сили, а следниот ден ќе ја посети и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ каде ќе одржи предавање пред припадниците на Генералштабот и Воената академија.
Армијата на Република Северна Македонија e фокусирана на имплементирање на веќе започнатите процеси на трансформација, реорганизација и исполнување според дефинираните согледувања согласно концептот на НАТО 2030. Армијата учествува во операциите на НАТО т.н. „Зајакнато истурено присуство“ и „Активности на зголемена будност“, кои се однесуваат на зајакнување на присуството на северозападот и југоистокот на НАТО, со што ја демонстрира солидарноста, решителноста и способноста да ја одбрани територијата и граѓаните на Алијансата.
Притоа состави на Армијата учествуваат во мултинационални борбени групи во Летонија, Бугарија и Романија, секоја предводена од рамковна нација комплементарна со силите на земјите домаќини.