Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, придружуван од началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски извршија обиколка на АП Криволак и согледување на инженериските активности кои се изведуваат во рамки на проектот за подобрување на патната инфраструктура на полигонот.
Од страна на генералот Ѓурчиновски и командантите на командата за операции и инженерискиот баталјон, Врховниот командант беше запознаен со досегашните активности и придобивките кои се очекуваат, особено при извршување на вежбовните активности на единиците на Армијата на Република Северна Македонија, како и заедничките со НАТО сојузниците.
При посетата на АП Криволак, претседателот Пендаровски беше информиран и за претстојната вежба „Одлучен удар 21“, како и за интензивната соработка на нашата Армија со Канцеларијата за одбранбена соработка при амбасадата на САД. Во рамки на таа соработка е и донацијата на материјали за изградба и поправка на патната инфраструктура на полигонот „Криволак“. Ова, како што истакна претседателот Пендаровски, е директна придобивка од членството на Република Северна Македонија во НАТО и соработката со САД, како еден од нашите најголеми стратешки партнери.
По извршената обиколка и запознавање со активностите, Претседателот Пендаровски истакна дека како 30-та земја членка на НАТО, имаме што да им понудиме на своите сојузници во Алијансата. „Полигонот за вежби „Криволак“, во кој изминатиов период се вложува многу, со цел да се модернизира армискиот полигон е еден од нашите ресурси коишто можеме да ги понудиме на НАТО“, додаде претседателот Пендаровски.
Припадниците на инженерискиот баталјон од средината на месец мај се ангажирани на извршување на инженериски работи со цел сеопфатно подобрување на патната инфраструктура во внатрешноста на полигонот на АП Криволак преку обиколница и внатрешно поврзување со вкупна должина од околу 74 км со околните сообраќајници со што ќе се овозможи изведување на поголеми вежби и рационализирање на ресурсите на моторните возила со тоа што ќе се скрати далечината и времето кое е потребно за поврзување на пристапни точки од едно до друго место на полигонот.
Со ова ќе се овозможи и воспоставување на нови вежбалишта на места кои досега беа непристапни.