Денес, 22-ви јули, делегација од Министерството за одбрана на Република Македонија и АРМ, предводена од заменикот на началникот на ГШ на АРМ, генерал – потполковник Насер Сејдини, во Тирана, Република Албанија присуствуваше на денот за високи гости на вежбата „Joint Reaction – 15“. На вежбата како земји учеснички покрај домаќинот Република Албанија учествуваат Република Македонија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Република Косово, Република Црна Гора, Република Хрватска и Соединетите Американски Држави, а како земји набљудувачки учествуваат Република Романија и Република Словенија.
За потребите на вежбата на која се проигруваше сценарио на силен земјотрес со кој е погодено подрачјето на градот Елбасан (Централна Албанија), а за која имаше потреба од сеопфатна акција и помош на земјите од регионот, земјите учеснички испратија офицери за врски и оператори во Центарот за симулации во Тирана. Истовремено нивните матични институции надлежни за справување со кризи во главните градови формираа работни групи за постапување пo прием на барање на меѓународна помош. Во нашата земја, во Центарот за управување со кризи за потребите на оваа вежба беше воспоставена меѓуресорна работна група за постапување по прием на барање на меѓународна помош. Меѓуресорската работна група беше составена од претставници од Министерствата за одбрана, надворешни работи, внатрешни работи, здравство како и Армијата на Република Македонија, Центарот за управување со кризи, Дирекција за заштита и спасување, Црвен крст, Царина и др.
Вежбата „Joint Reaction – 15“, која е компјутерски асистираната вежба за менаџирање со регионална помош при итни состојби, претставува одличен пример за подобрување на способностите меѓу земјите-членки на САД-Јадранската Повелбата (А5) и регионалните партнери за навремено и ефикасно распоредување сили и средства за спасување во случај на катастрофи за кои е потребна сеопфатна регионална акција.