Во пресрет на 18 Август Денот на АРМ, во годината кога Армијата го слави својот 25 роденден, во просториите на Домот на АРМ е промовирана монографијата, „Воени генерали од Македонија (1943-2017)“ во издание на здружението „Клуб на генерали на Република Македонија“.
Издавањето на монографијата на која се потпишани авторите Мирослав Стојановски и Борис Стојаноски, генерали во пензија е проект кој е поддржан од Министерството за одбрана и АРМ претставува значајна публикација за збогатување на воената историја на Република Македонија, а воедно и за одбележувањето на овој значаен јубилеј на АРМ. Публикацијата претставува збир на биографски податоци за воените генерали од Македонија за период од 1943 до 2017 година во која се претставени македонските генерали за временските периоди од 1943-1945, 1945-1992 и од 1992 до 2017 година.
За прв пат во ова дело се собрани податоци за 90 генерали во Република Македонија кои покрај својата професионална кариера имале и значаен придонес во општествениот и јавниот живот во државата. Првиот македонски генерал е Михаило Митев Апостолски (8.XI 1906-7.VIII 1987), командант на ГШ на НОВ и ПОМ, народен херој, политичар, воен теоретичар, историчар и академик во чија чест е името на Воената академија како единствена воена високо-образовна и научна институција во Република Македонија.
На промоцијата присуствуваа: Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, генералите во АРМ, високи воени раководители и претставници од МО и АРМ, поранешни министри и началници на ГШ на АРМ, пензионираните генерали и други гости.