Во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, во присуство на: претседателот на Владата Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николовски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, вршителот на должност шеф на Мисијата на Амбасадата на САД, Никол Варнс, претставници од Владата, Собранието, Министерството за одбрана и Армијата, беа презентирани лесните оклопни возила (ЛОВ) „Stryker“, кои станаа дел од македонската Армија.
На настанот премиерот Мицкоски истакна дека продолжуваат инвестициите во одбраната и во Армија и дека со оклопните возила „STRYKER“ значително ќе се зајакне капацитетот на македонската Армија. „Ова за нас многу значи, ја подобрува оперативноста, практично ја зголемува мобилноста на самата Армија и на тој начин стануваме поконкурентни споредено со другите армии. Ние како Влада ќе продолжиме и во иднина да инвестираме во нашата македонска Армија“ рече Мицкоски.
Министерот Мисајловски порача дека ова е еден од најкрупните проекти на Министерството за одбрана и дека модернизацијата на Армијата продолжува со силно темпо, бидејќи повеќе од 32% од Буџетот на одбраната се планирани за модернизација. Тој додаде дека благодарение на одличната соработка со САД, дел од возилата кои во минатото биле надвор од употреба, денес повторно се ставени во функција и потенцираше дека следат уште многу проекти со САД, а кои опфаќаат дополнителни наоружувања, дополнителна опрема, беспилотни летала, опрема за специјалните единици со цел да имаме модерна и опремена Армија.
Никол Варнс во обраќањето пред медиумите истакна дека денешниот настан е важен ден за Северна Македонија, за НАТО и за заедничката безбедност. „Со пристигнувањето на возилата „STRYKER“, Северна Македонија прави реален и видлив чекор кон модернизацијата на своите вооружени сили и зајакнувањето на своето место во НАТО Алијансата“ наведе Варнс, притоа додавајќи „Тие претставуваат јасен доказ за нашето партнерство и нашата заедничка посветеност да ги браниме нашите држави, Алијансата и вредностите за кои се залагаме.“
Со набавката на возилата STRYKER продолжува реализацијата на една од клучните компоненти во рамки на проектот за „Лесни оклопни возила на тркала“. Овој проект претставува директна поддршка на исполнувањето на нашите обврски кои произлегуваат од членството во НАТО, со посебен акцент на унапредување на мобилноста, заштита на силите, способност за противоклопна борба и изведување на широк спектар на операции во различни просторни и временски услови.








