Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана, Владо Мисајловски, денеска, 14 јануари 2026 година, во Генералштабот на Армијата, остварија проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во нашата држава, Анџела Агелер, по повод завршувањето на нејзиниот дипломатски мандат во нашата татковина.
За време на средбата министерот Мисајловски истакна дека во изминатиов период соработката со амбасадорката Агелер и амбасадата на САД беше на одлично ниво, благодарение на кое стратешкото партнерство кое го имаат нашите две земји во континуитет се унапредува. По повод завршување на мандатот на амбасадорката Агелер, Мисајловски изрази благодарност за нејзината професионална поддршка, искрена посветеност и личен ангажман што придонесе за продлабочување на нашето меѓусебно разбирање и пријателство и даде дополнителен импулс во градењето на ова важно партнерство и ѝ посака успех и лично исполнување во натамошната кариера.
Генералот Лафчиски изрази искрена благодарност до амбасадорката Агелер, истакнувајќи ја нејзината важност во зајакнувањето и продлабочувањето на взаемната доверба и соработката помеѓу двете нации. Воедно, генералот Лафчиски го потенцира придонесот на амбасадорката Агелер и нејзиниот тим во поддршката на Армијата преку реализација на бројни програми за поддршка во различни области.
Амбасадорката Агелер, која ја извршуваше својата дипломатска должност во нашата држава од 2022 година, ја истакнува честа да соработува со луѓе кои длабоко ги почитува, вклучувајќи ги генералот Лафчиски и министерот Мисајловски, на прашања значајни за НАТО и регионот. На крајот, упати благодарност до припадниците на Армијата, Министерството за одбрана и тимот од амбасадата на САД за нивната континуирана поддршка за време на нејзиниот престој.
Во знак на благодарност за успешната и плодна соработка, во Генералштабот на Армијата беше организирана пригодна церемонија, на која министерот Мисајловски и генералот Лафчиски ѝ доделија пригодни подароци на амбасадорката Агелер.
На денешната средба со амбасадорката Агелер, присуствуваа и државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чупевска-Ристовска, директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Орце Јордев, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на Командата за обука и доктрини, бригаден генерал Лулзим Нуредини, командантот на 1.пбр Дејан Чиплаковски и останати припадници на Армијата и министерство за одбрана.








