Денес, 1-ви април 2015 година (среда), во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, се одржа свеченост по повод Денот на 1. механизирана пешадиска бригада (мпбр). На свеченоста присуствуваа: Министерот за одбрана Зоран Јолевски, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, Заменикот на министерот за одбрана Арбен Лабеништа, Заменикот на НГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, Заменикот на командантот на ЗОК бригаден генерал Мухамет Рацај, високи претставници од МО и ГШ на АРМ, поранешни команданти на бригадата, пензионирани генерали, командантите на потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ, претставници од локалната самоуправа и други високи гости.
Командантот на 1.мпбр, бригаден генерал Павле Арсоски, во своето обраќање истакна дека 1.мпбр е столб на АРМ и расадник на сегашните и идни припадници од родовите на: пешадија, артилерија, ОМЕ, инжинерија и АБХО. Тој на прославата од првиот празник на бригадата, пред присутните се заложи за продолжување со напорна работа на сите припадници на бригадата, исполнета со елан и мотивираност, со цел за доградување на борбената подготвеност и справување со идните предизвици, под мотото на бригадата ,,Сила и чест“.
Генералот Котески честитајќи им го Денот на единицата, пред свечениот строј на единиците на 1.мпбр, ги истакна постигнатите успеси на бригадата, како најмоќна борбена единица во АРМ, нагласувајќи дека тоа претставува голема обврска за сите припадници на единицата да останат доследни во исполнувањето на воспоствените вредности, како услов за нови и поголеми успеси на домашен и меѓународен план. НГШ на АРМ на припадниците на 1.мпбр им порача да останат препознатливи по храброста, одважноста и успехот, јакнејќи ја уште повеќе довербата кај граѓаните на Република Македонија, при што потсети на основната мисија за одбрана на нашата татковина, чување на нејзиниот територијален инегритет и суверенитет. Во оваа прилика, генералот Котески укажа дека најсвета обврска на сите припадници на АРМ е да ја чуваат, бранат и градат државата, останувајќи лојални кон својата институција, горди за она што секојдневно се жртвуваат.
На свеченоста, по повод денот на единицата, беа прочитани стимулативни мерки за припадниците на 1.мпбр, а беше прогласена и најдобра чета во бригадата.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија за определување на денови на единиците на Армијата на Република Македонија, за Ден на 1. мпбр е одреден 2-ри април, како датум на кој овааа единица е трансформирана согласно новата организациско-формациска структура на АРМ. Со достигнувањето на оперативната готовност, 1.мпбр ги превзеде задачите и одговорностите на двете поранешни бригади, со што стана најголемата борбена единица во АРМ, во чии редови се наоѓаат припадници на АРМ од повеќе родови.