Началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, ги прими тројцата, според постигнатиот успех најдобро рангирани питомци од деветнаесеттата класа на Воената Академија ,,Михаило Апостолски“.
Приемот е по повод на претстојната промоцијата во почетни офицерски чинови на оваа последна класа кој ќе се реализира со воена свеченост следната недела во присуство на највисоките воени раководители.
Генералот Ѓурчиновски на питомците Бојана Јованова, Јован Илиев и Филип Лазов честитајќи им го постигнатиот успех во досегашното воено школување кој е впечатлив и се движи помеѓу оценката 9,4 до 9,6 им посака успехот да им биде поттик во постигнување на високи резултати во градењето на понатамошната воена кариера.
Несомнено дека единиците на Армијата по промовирањето во чинови на оваа класа на питомци ќе добијат мотивиран кадар покажува и фактот дека не само што досега ова е меѓу најдобрите класи со просечен успех, туку и прворангираните питомци ја продолжуваат традицијата на своите родители кои се или биле воени старешини.
Питомците од деветнаесеттата класа која го заврши военото четиригодишно образование од прв циклус на студии на Воената Академија ,,Михаило Апостолски“ , која брои 30 питомци од кои 10 се припаднички на женскиот пол, по промовирањето ќе отпочнат со градење на својата воена кариера согласно родовите на кои припаѓаат во единиците на Армијата ширум Републиката.