Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес оствари средба со новиот командант на НАТО мисијата „КФОР“ во Косово, генерал-мајор Озкан Улуташ, кој престојува во прва работна посета на Армијата и Министерството за одбрана по неговото повторно назначување на оваа должност.
На средбата се разговараше за тековните активности во рамките на мисијата „КФОР“ и за натамошното унапредување на соработката. Генералот Улуташ ја нагласи и важноста од континуираното присуство и придонесот на македонските мировници како значаен дел од напорите за одржување на стабилноста и безбедноста во Косово.
Во разговорот беа разгледани и актуелните безбедносни состојби во регионот, потенцирајќи ја важноста на сојузничката соработка.
Во рамки на посетата, генерал-мајор Улуташ оствари средба и со министерот за одбрана, Владо Мисајловски.
Генералот Улуташ е првиот командант во историјата на мисијата „КФОР“ кој оваа должност ја извршува по втор пат, што е потврда за неговата професионалност. За време на неговиот прв мандат генералот Улуташ ја посети Армијата и е добро запознаен со состојбите во регионот.
Армијата на Република Северна Македонија во мисијата КФОР учествува од 2020 година, и тоа со два вода распоредени во Сектор „Запад“ во состав на контингентот на вооружените сили на Италија и пет штабни офицери распоредени во командата на „КФОР“ во Приштина.








