„Како резултат на партнерската Програма за соработка која успешно се спроведува повеќе од две декади со активно инволвирање на националната гарда (НГ) на Вермонт и Универзитетот Норвич во полето на воената обука и образование, е денешното искрено пријателство помеѓу Република Македонија и Сојузната Држава на САД, Вермонт“.
Ова е истакнато од страна на НГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски за време на вчерашната средба (19-ти април) во Монтпелиер со гувернерот на Вермонт, господин Фил Скот, на која присуствуваше и командантот на Националната Гарда на Вермонт генерал-мајор Стивен Креј.
На средбата со Гувернерот е потврдено стратегиското партнерство со Вермонт, а се нагласи и можноста од подобрување и проширување на соработката помеѓу Република Македонија и Вермонт во различни сфери на интерес со цел исполнување на стратегиската определба на Република Македонија за членство во евроатланските интеграции.
Во рамките на повеќедневната посета на САД, делегацијата на АРМ го посети и воениот универзитет „Норвич“ кој е најстариот приватен воен Универзитет во САД и оваа година прославува 200 години постоење.
Генералот Величковски оствари средба со претседателот на Универзитетот адмирал Др.Ричард Шнајдер, а се сретна и со питомците од Република Македонија кои врз основа на воспоставената соработка со Воената Академија, веќе втора генерација се наоѓаат на школување на овој престижен воен универзитет во траење по еден семестар.
На крајот од работниот ден делегацијата изврши и обиколка на Агенцијата за кризен менаџмент и државна безбедност на Вермонт,каде се разговараше за досегашните заеднички активности и облиците за понатамошна соработка со оваа Агенција.
Значењето на партнерската програма за соработка со НГ на Вермонт се огледа во досегашните активности каде од почетокот до денес се реализирани повеќе од 800 активности на кои над 6000 припадници на АРМ ги совладале стандардите, техниките и процедурите на вооружените сили на САД, кои се имплементирани во командите и единиците на АРМ, со што се достигнати стандардите на НАТО.
Досегашните заеднички вежби и учеството во наменските сили „Феникс“ во мисијата „ИСАФ“, претставува мотив за продлабочување на соработката и во други сфери и со организации на цивилното живеење во Р.Македонија при што со поддршка на гувернерот и бирото на НГ на Вермонт во последните седум години се отпочна со реализација на разни активности во повеќе области.