Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, во рамките на официјалната посета на Вооружените сили (ВС) на САД, вчера (30-ти септември) во Пентагон, Вашингтон се сретна со шефот на бирото на Националната гарда (НГ) на САД, генерал Франк Грас.
На средбата, генералот Величковски ја оцени партнерската програма која АРМ ја реализира со НГ на Вермонт веќе 20 години, како исклучително успешна за АРМ и која се одвива и во останатите области со Република Македонија. Искажувајќи благодарност за поддршката, НГШ на АРМ потсети дека со оваа сеопфатна и динамична програма, во изминативе 20 години, биле опфатени повеќе од 6 илјади припадници на АРМ, кои учествувале во над осумстотини различни активности, семинари, вежби и други форми на обука. Во оваа прилика, генералот Величковски ја потврди заложбата за понатамошно јакнење на соработката на АРМ со НГ на Вермонт, со организирање на обуки и вежбовни активности, како и вклучување во трилатералното партнерство со Сенегал. Тој уште еднаш го нагласи заедничкото распоредување на припадниците на АРМ со припадници на НГ на Вермонт во наменските сили „Феникс“ во ИСАФ во 2010 година, како резултат на одличната соработка и стекнатат висока доверба помеѓу двете армии.
Генералот Грас искажа задоволство од соработката на НГ на Вермонт со АРМ, која изминативе две децении даде високи резултати и која особено помогна АРМ да ги достигне стандардите на НАТО. Тој ја истакна заложбата за понатамошно јакнење на програмата за соработка и изнаоѓање на нови форми за нејзино проширување.
На состанокот во Пентагон присуствуваше и командантот на НГ на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј.