По повод 18 Август – Денот на Армијата, припадниците на Министерството за одбрана и Генералштабот, како и командите и единиците во касарните низ Републиката, со свечени собири и свечени постројувања го одбележаа воениот празникот на Армијата.
Обраќајќи се на припадниците на Армијата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал мајор Сашко Лафчиски истакна: „За нас припадниците на Армијата, 18 Август е Денот над деновите кој ги обединува сите останати денови на командите и единиците кои ги славиме во Армијата, тоа е празникот кој го празнуваат сите сегашни и сите поранешни припадници кои што во изминатите 33 години допринесоа во изградбата на модерната Македонска Армија.“
Генералот Лафчиски истакна и дека Армијата е институција која што ужива најголема доверба меѓу граѓаните, и токму затоа Армијата ја има и нај светата мисија во државата: одбрана и заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на татковината.
Министерот Владо Мисајловски во своето обраќање наведе: „Во пресрет на одбележувањето на Денот на Армијата 18 Август, драго ми е што ја продолжуваме традицијата заедно да го прославиме роденденот на Армијата. Сакам да изразам почит и благодарност до сите вас жени и мажи во Министерството за одбрана и Армијата кои посветено работите за Македонија, нејзината безбедност и сигурност. Пожртвуваноста на припадниците на Армијата при справувањето со секојдневните предизвици за заштита на македонските граѓани е јасна и препознаена од македонските граѓани. Тие имаат силна доверба во вас и ви оддаваат почит и признание – за вашата храброст и посветеност“.
На денешната свеченост во Генералштабот, командите и единиците беа врачени плакети, значки, благодарници и други стимулативни мерки за припадниците на Армијата и организации кои допринеле за развојот на МО и Армијата.
Во рамките на свеченоста делегација предводена од Министерот за одбрана, началникот на Генералштабот и претставници од семејствата на загинатите бранители положија свежо цвеќе пред споменикот на бранителите од 2001 година пред Министерството за одбрана.
Исто така, во текот на денот, од страна на делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, предводена од началникот на Генералштабот на Армијата, кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, и останати делегации, положија венци со свежо цвеќе на спомен обележјата на партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Глигоров, како и на гробот на генерал Михаило Апостолски.
Централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се реализира на 18 август во касарната „Јане Сандански“ – Штип, на која ќе присуствуваат највисоките воени и државни авторитети во Републиката. Во рамките на прославата ќе бидат построени ешалони кои ќе ги претставуваат сите команди и единици на Армијата, ешалони со новопромвираните офицери и подофицери, како и ќе има демонстрација на вооружување и опрема од составот на Армијата.