Денеска (3 септември) во касарната „Боро Менков“ – Куманово, во присуство на министерот за одбрана, Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, началникот на Генералштабот на романските Вооружени сили, генерал Георгита Влад и останати бројни гости се реализираше свечена церемонија по повод примопредавање на должноста претседавач на Политичко воениот управен комитет и Координативниот комитет на СЕДМ и одбележување на 26 години од формирањето на Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски во своето обраќање пред присутните високи претставници од земјите членки нагласи дека SEEBRIG како една од најуспешните проекти во рамки на SEDM, во изминативе 26 години се докажа како најдобар инструмент за меѓусебно разбирање и развој на капацитетите на земјите членки.
„Работејќи заедно, рамо до рамо во регион кој секогаш се стреми кон мир, сигурно можеме да бидеме уште поефикасни во обезбедувањето безбедност и просперитет за нашите граѓани“, рече Мисајловски. Тоа што во изминативе пет години Командата на Бригадата на Југоисточна Европа е лоцирана во Куманово, додаде тој, е јасен показател за нашата цврста верба во регионалната соработка која гради мостови и ги поврзува нашите вооружени сили.
Министерот Мисајловски упати благодарност до Симона Кожакару за нејзината посветеност како досегашен претседавач на Секретаријатот на SEDM и на Политичко-воениот управувачки комитет и му посака успех на амбасадорот Елефтериос Ангхелопоулос, кој ќе биде на оваа позиција во наредните 2 години.
Бригадата на Југоисточна Европа беше формирана во 1998 година во Скопје, каде беше потпишан Договорот за формирање на мултинационалната мировна сила Југоисточна Европа. Командата на Бригадата досега на ротациона основа беше сместена во Пловдив, Констанца, Истанбул, Трнавас, Лариса и Куманово. Во 2026 година командата повторно ќе биде лоцирана во Истанбул, Турција. Во текот на изминатите 26 години бригадата учествуваше во бројни мировни мисии, меѓу кои и во ISAF мисијата во Авганистан, каде ја презеде командата над Кабулската мултинационална бригада. Исто така, организирани беа 14 вежби „Seven Stars“, кои се најзначајни во регионот и вклучуваат учество на повеќе од 200 војници од девет земји.









