Денес, 3-ти јули (четврток) 2014 година, во касарната ,,Боро Менков“ во Куманово, се одржа свеченост по повод испраќањето на контингентот на АРМ од составот на Првата механизирана пешадиска бригада, (1.мпбр) кој учествува во мировната мисија ИСАФ во Авганистан.
На свеченоста по повод испраќањето на контингентот на АРМ за мисијата ИСАФ ќе присуствуваа: Министерот за одбрана д-р Зоран Јолевски, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, Државниот секретар во МО Сашо Стефаноски, високи претставници од МО и ГШ на АРМ, претставници од локалната самоуправа, роднините на припадниците од контингентот и други гости.
Во обраќањето пред стројот, министерот Јолевски нагласи дека Република Македонија дванаесет години успешно учествува во мисијата ИСАФ и ние сме горди со сите досегашни учества во неа, со сите војници кои досега учествуваа и со кои сега одат во Авганистан. Тој додаде дека со тоа покажавме дека Република Македонија заслужува да биде дел од Алијансата и дека нашата армија и нашата држава се подготвени целосно да ги преземат одговорностите од членството во НАТО. Министерот Јолевски истакна дека дека учеството во оваа меѓународна мисија е уште една можност да се потврдат и покажат вештините, знаењата и професионалниот однос кон секоја дадена задача, истакнувајќи дека „Констатацијата за вашата врвна обученост не е само наша – тоа го потврдуваат сите наши партнери во силите ИСАФ, партнери во НАТО-алијансата“.
Командантот на контингентот, потполковникот Али Хајро, во своето обраќање пред присутните рече дека пред припадниците на оваа ротација е една одговорна задача кон која треба сериозно да се пристапи, ветувајќи дека како припадници на АРМ, доследно и чесно ќе го претставуваат ликот на АРМ.
Во седумнаесеттата ротација на мировната мисија ИСАФ во која АРМ учествува со механизирана пешадиска чета, во Авганистан ќе заминат 150 припадници на 1. мпбр кои заедно со најстариот национален претставник ќе бидат распоредени во главната команда на ИСАФ во Кабул.