Припадниците на Здружената Оперативна Команда (ЗОК) денес во касарната ,,Боро Менков“ во Куманово, со воена свеченост го одбележаа денот на единицата.
На свеченоста покрај началникот на генералштабот на Армијата на Република Македонија (АРМ) генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, присуствуваа и државниот секретар во МО Драган Николиќ, генерали на АРМ, команданти на единиците на АРМ ,поранешни команданти на ЗОК, воени аташеи акредитирани во Република Македонија и претставници од локалната самоуправа.
Генералот Ѓурчиновски, обраќајќи се пред присутните истакна дека придонесот кој го дава ЗОК, преку изградба и развој на командата и потчинетите единици е за почит во унапредување на севкупните одбранбени процеси. Воедно нагласи дека бројните признанија за постигнатите успеси на вежбите и мисиите, високите стандарди во обуката, ангажирањата во справување со природни непогоди и асистенција на органите на државната и локална власт, целосно ја оправдуваат довербата во оваа највисока команда на оперативно рамниште во АРМ.
По краткиот историски осврт за значењето на овој ден командантот на ЗОК генерал мајор Павле Арсоски во својот говор истакна, дека изминатата година за командата беше успешна и исполнета со многу работа и реализирани активности и ангажмани на домашен и меѓународен план, но и година исполнета со многу предизвици со кои ЗОК и АРМ сеуште се соочуваат.
Припадниците на ЗОК со максимална посветеност и одговорност, континуирано се ангажирани во извршување на доделените задачи во обезбедување и спречување на нелегално минување на јужната граница, но и секогаш кога за тоа се јавува потреба и во справување со последиците од природните непогоди.
На свеченоста по повод денот на единицата беа пофалени,наградени и унапредени припадници на ЗОК за остварените резултати во работењето.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, 17ти октомври е определен за ден на ЗОК, како спомен на одбележување согласно традициите на значајните историски настани врз кои се темелат традициите на АРМ.
На 17 октомври 1878 година во селото Кресна е формиран штабот на македонското (во македонската историографија познато и како кресненско) востание, ден кога кога воедно е кренато востанието.
Здружената оперативна команда, како команда од оперативно рамниште егзистира од почетокот на формирањето на АРМ како Армиски Корпус. Во 2000 година се трансформира во 1.Армиски Корпус , во 2002 година се преименува во команда на копнената војска, а од 2005 година се преструктуира според стандардите на НАТО во сегашниот назив.