Традиционално, како дел од активностите, во пресрет на 18 Август – Денот на Армијата, со свечено постројување на Воениот стадион во Градскиот парк, денес, припадниците на командите и единиците, ги започнаа финалните спортски натпревари.
Финалните спортски натпревари ги отвори началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој потенцираше дека спортот и војничката професија делат исти вредности, физичката подготвеност и воопшто спортувањето значајно придонесуваат за подобро извршување на мисијата и задачите што директно влијае на нивото на борбената готовност, поради што одбележувањето на нашиот најголем армиски празник започнува со спортските игри.
„Спортските игри, индивидуални и колективни не се само натпревар. Тие се симбол на физичката и менталната подготвеност, дисциплината, издржливоста и карактерот – вредности што се длабоко вкоренети во нашата војничка професија. Во оваа прилика сакам да истакнам дека сум особено горд на високите резултати постигнати од припадниците кои учествуваат на националните и меѓународните спортски настани со што принесуваат за уште поголема афирмација на Армијата и државата“, додаде генералот Лафчиски.
Генералот Лафчиски посочи за време на натпреварите да доминира фер-плејот, пријателството, и натпреварувачкиот дух, со задолжително придржување на безбедносните мерки по животот и здравјето на учесниците, по што во духот на максимата „Нека победи најдобриот“ , ги прогласи спортските натпревари за отворени.
По завршување на натпреварите во крос – трчање, мал фудбал, пинг-понг, одбојка и кошарка на најдобро пласираните екипи и поединци ќе им бидат доделени признанија. На најуспешната единица ќе ѝ се додели преоден пехар.