Денес, во касарната „Јане Сандански“ во Штип, во присуство на министерот за одбрана, Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и командантот на 1.пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, се реализираше постројување на наменските сили кои земаа учество на вежбата „Saber Junction 2025 (SJ-25)“, која се реализираше во период од 25.08 до 21.09.2025 година во Хохенфелс, СР Германија, под организација на USAREUR-AF.
Министерот Мисајловски пред учесниците на вежбата истакна дека е горд на нив за покажаниот професионализам и посветеност. „Сите вие покажавте дека сте вистински професионалци, мотивирани, стручни и вешти. Кога ве испративме на оваа вежба ви порачав да покажете дека можеме да се носиме рамо до рамо со сојузниците и да покажеме квалитет. Во целост ја оправдавте мојата доверба во секој еден од вас!“, рече министерот.
Мисајловски се заблагодари за американската поддршка во реализацијата на оваа вежба.
„Сите вие испишавте историја и треба да бидете горди. Вие овозможивте да ги тестираме клучните работи кои се многу важни во планирањето,командувањето и контролата, во процесот на извршување на задачи надвор од територијата на татковината. Ова е само еден дел од патот кој го одиме напред, а со овој успех немам сомнеж дека следната година на оценувањето на борбената готовност на лесната пешадиска баталјонска група, како наша најголема и приоритетна НАТО цел на способност ќе заврши со успех“, истакна генералот Лафчиски, притоа изразувајќи благодарност за поддршката од американската страна, Министерството за одбрана и Владата.
Во рамките на денешната активност се реализираше и дебрифинг со клучниот персонал од зајакнатата чета, која учествуваше на мултинационалната вежбата SJ-25 во СР Германија.
На Вежбата SJ 25 како примарен елемент се ангажираше дел од Лесната пешадиска баталјонска група со потребни елементи за реална логистичка поддршка, како и потребен број на моторни возила и материјално-технички средства.Во рамките на вежбата потполно се реализираше целта на вежбата, развој на професионални и оспособени борбени единици за одржување на стабилна и безбедна средина, како и соодветен одговор на заканите по националната безбедност.








