Под мотото „Звукот на соработката“ и „Звукот на Алијансата“, воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија во духот на соработката, заедно со припадници на воени оркестри од армиите во регионот, веќе традиционално во пресрет на новата година одржа заеднички концерт во Домот на Армијата во Скопје.
Заедничкиот оркестар составен од припадници од воените оркестри од Армиите на Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Хрватска, под диригентска палка на диригентите од трите оркестри изведоа едночасовен незаборавен предновогодишен концерт.
По поздравниот говор од страна на Претседателот на Владата Зоран Заев и изразената едноминутна почит кон жртвите на скорешниот катастрофален земјотрес во Албанија, аудиториумот во исполнетата сала во Домот на Армијата, но и гледачите на првата програма на националната телевизија МТВ имаа прилика да проследат изведби на повеќе нумери од познати светски автори.
Репертоарот составен од познати музички нумери од Мередит Вилсон, Дјук Елингтон, Наохиро Иваи, Дмитри Шостакович и други со аплаузи од публиката изнудија дополнително изведување на музички нумери со што се потврди и одличната соработка и синхронизираност помеѓу припадниците од трите Армии.
Трилатералниот предновогодишен концерт го проследи највисокото државно и воено раководство меѓу кои: Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, Претседателот на Владата Зоран Заев, Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, министри во владата, пратеници во собранието на Република Северна Македонија, претставниците на воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, претставници на верските заедници, активните и пензионирани генерали во Армијата, припадници на Министерството за одбрана, генералштабот, командите и единици на Армијата и други гости.
Трилатералниот предновогодишен концерт на воени оркестри од армиите со кои соработуваме е проект во рамките на регионалната меѓуармиска соработка со цел продлабочување на соработката и приближување на Армијата до граѓаните. Проектот кој прераснува во традиција се изведува втора година по ред. Минатата година нашиот воен оркестар имаше заеднички настап со воените оркестри на Република Бугарија и Црна Гора.