Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес во Сплит, Република Хрватска учествуваше на годинешната конференција на началниците на Генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5).
На конференцијата, чиј домаќин е началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Хрватска, адмирал Роберт Храњ, учесниците дискутираа на темата: „Унапредување на меѓусебната интероперабилност и создавање на заеднички пристап во решавање на колективните безбедносни закани и предизвици преку имплементација на научени лекции од заедничките вежбовни активности“.
Генералот Ѓурчиновски имаше обраќање, при што по искажаната благодарност за досегашната поддршка и асистенција од останатите земји на А-5 во достигнувањето на нашето НАТО членство, истакна дека како најмлада земја во НАТО семејството ги усогласуваме нашиот одбранбен процес и Армијата со цел целосно интегрирање во одбранбениот систем на НАТО.
Говорејќи за заедничките безбедносни предизвици истакна дека од наша страна е препознаена потребата за продолжување на меѓусебната одлична соработка, со цел справување со зголемените безбедносни закани во духот на стабилноста и безбедноста во регионот и пошироко. „Силно ги поддржувам сите напори за идентификување на можните области што ќе ја зајакнат нашата воена соработка во духот на иницијативите на паметната одбрана и здружување и споделување“, истакна генералот Ѓурчиновски.
По потпишување на заедничката изјава во која се потврдени заложбите за зајакнување на меѓусебната соработка и интероперабилноста, генералот Ѓурчиновски како дел од програмата ќе оствари билатерални средби со заменикот на командантот на европската команда на Вооружените сили на САД, генерал полковник Мајкл Хауард и НГШ на ВС на Хрватска, адмирал Роберт Храњ.
На конференцијата учествуваа началниците на Генералштабови на армиите на земјите членки на САД-Јадранската повелба (Македонија, Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора), заменикот на командантот на европската команда на ВС на САД, командантите на националните гарди (НГ) од сојузните држави на САД кои се партнери на земјите од А5, како и претставници од ВС на Словенија и Косовските безбедносни сили во својство на набљудувачи.
Во текот на вчерашниот ден своја конференција одржаа и главните подофицери на армиите на земјите членки на А-5.
Генералот Ѓурчиновски во текот на својот престој во Хрватска по завршување на конференцијата во следните денови со делегацијата ќе присуствува и на меѓународната јадранска воена и воздухопловна изложба и конференција АСДА-21, која исто така се одржува во Сплит.
Договорот за формирање на САД-Јадранската повелба е потпишан во 2003 година, со кој покрај САД како покровител, Република Северна Македонија, Албанија и Хрватска се обврзаа низ институционална рамка да ја развиваат регионалната соработка во областа на одбраната. Во 2008 година, на оваа иницијатива се приклучија Босна и Херцеговина и Црна Гора, а Србија, Косово и Словенија имаат статус на земји набљудувачи во групата.
Конференциите на началниците на Генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5) се одржуваат еднаш годишно на ротирачки принцип.