Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Методија Величковски денес и утре учествува на конференцијата на НАТО за стратегиско партнерство (SMPC 2016), која се одржува воS Букурешт, Романија.
Во фокусот на дводневната активност организирана од Сојузничката команда за трансформација на НАТО, началниците на генералштабови на армиите од земјите-членки на НАТО, Партнерство за мир, Истанбулската иницијатива, Медитеранскиот дијалог и останатите глобални партнери ќе разгледуваат долгорочни прашања поврзани со трансформацијата на военото партнерство.
На денешниот експертски дел од конференцијата, се разгледуваат повеќе прашања за актуелната безбедносна состојба, стратегијата за понатамошно дејствување, можностите и идните планови поврзани со трансформација на соработката помеѓу партнерските армии и НАТО, и идентификување на армиските области на заедничко дејствување.
На втората сесија од конференцијата која ќе се одржи утре во формат на началници на генералштабови, во фокалната област е партнерството како столб на успех и стабилност во современиот свет, автономни системи и специјални операции, безбедносни актуелности во периодот после одржувањето на Варшавскиот самит, понатамошни можности за планирање на партнерските активности.
Во својот дел од обраќањата, генералот Величковски ќе го нагласи континуираниот придонес кој го дава Република Македонија и АРМ при справувањето со глобалните безбедносни предизвици, како и севкупните напори кои ги вложува АРМ кон интеграцијата во Евроатлантската структура на НАТО.
За време на конференцијата генералот Величковски ќе оствари повеќе средби со највисоки воени раководители во НАТО и со началници на ГШ од земјите кои учествуваат на активноста, на кои ќе бидат разменети корисни информации и искуства.
Почнувајќи од 2005 година на оваа годишна конференција на Сојузничката команда за трансформација на НАТО, се разгледуваат специфични воени прашања од меѓусебен заеднички интерес на сојузничките и партнерски армии од аспект на насочување на тековните процеси на воена соработка, имплементација на плановите со синхронизација помеѓу НАТО и партнерските земји.