Заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, денес, 27 ноември, во Будимпешта, Унгарија учествуваше на состанокот на началници на Генералштабови на земјите членки на Иницијативата за соработка во одбраната – DECI (Dеfence Cooperation Initiative), на која формално се приклучивме во 2023 година.
На 13-тиот состанок учествуваа и командантот на здружената команда на НАТО во Неапол, командантот на КФОР и командантот на ЕУФОР-АЛТЕА, кои во своите излагања ја презентираа актуелната регионална безбедносна ситуација, сегашните и идни предизвици во мисиите КФОР и ЕУФОР-АЛТЕА, обезбедувајќи драгоцени сознанија и поттикнувајќи дијалог за безбедноста и стабилноста на Балканот.
На отворањето на состанокот генералот Нуредин ја истакна важноста на нашето членство во оваа иницијатива, нагласувајќи дека истата претставува вредна платформа, која во рамките на НАТО и ЕУ овозможува значајна мултинационална соработка и нуди подлабока интеграција на Балканскиот Регион и Југоисточна Европа.
„Овие иницијативи ни овозможуваат да ги трансформираме предизвиците во можности и да обезбедиме нашите вооружени сили да останат модерни, интероперабилни и добро подготвени за променливиот безбедносен пејзаж“, истакна генералот на воведното обраќање.
Дополнително, генералот Нуредин активно учествуваше и на панел-дискусиите посветени на: регионалната стабилност и безбедност, воената соработка и вклученоста на Иницијативата за соработка во одбраната во меѓународните организации.
На крајот од состанокот се утврди понатамошната динамика на активностите и состаноците, по што од страна на началниците на Генералштабовите беше потпишана заедничка изјава.
Иницијативата DECI е формирана под покровителство на Италија во 2012 година како иницијатива од регионален карактер, фокусирана на безбедносната соработка меѓу земјите од Јадранското и Балканското подрачје. Во оваа организација, покрај нашата држава, членуваат и Италија, Австрија, Хрватска, Словенија, Унгарија, Албанија и Црна Гора.
Началниците на Генералштабовите на земјите учеснички се состануваат еднаш годишно за согледување на меѓусебната одбранбена соработка и усогласување на понатамошниот развој на заедничките проекти, како и да разговараат за безбедносната ситуација во поширокиот Балкански Регион.








