Заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, учествуваше на годишниот состанок на замениците-началници на Генералштабови на армиите на земјите членки во процесот SEDM (South-East Europe Defense Ministerial), кој се одржа на 26 јуни во Истанбул, Република Турција.
На состанокот со воведни говори се обратија директорот на Секретаријатот на СЕДМ, Виолета Никулеску и заменикот на началникот на Генералштабот на Турските вооружени сили, генерал Ирфан Озсерт како домаќин на овогодишната средба.
Во нивните обраќања е поздравено првото учество на Република Молдавија на состанокот како полноправна членка, при што е изразено уверување дека драгоценото искуство на Чисинау ќе биде од големо значење за СЕДМ во напорите за унапредување на регионалната безбедност и стабилност.
На состанокот на СЕДМ, учесниците од земјите членки и претставниците од меѓународните организации дискутираа за актуелните регионални безбедносни ризици со кои земјите се соочуваат, особено сегашното стратешко сценарио кое е многу предизвикувачко, бидејќи Југоисточна Европа е опкружена со област на широко распространета нестабилност предизвикана пред сè од руската агресија врз Украина. Имајќи ја предвид оваа перспектива, истакната е важноста од одржувањето и продлабочувањето на регионалниот дијалог, дури и на стратешко воено ниво, признавајќи го како клучен елемент за управување со сегашните кризи и избегнување на идните. Во своето обраќање пред присутните, генералот Нуредин истакна дека како тековни домаќини на командата на бригадата за југоисточна Европа преку обезбедување на потребните ресурси и поддршка ја покажуваме нашата заложба во извршување на мисијата на бригадата. Армијата на Република Северна Македонија е посветена на унапредување на колективната безбедност преку континуирано подобрување на нашите капацитети и можности.
Истакната е неопходноста од фокусирање и унапредување на технологијата која е потребно да ги следи потребите на модерното војување, при што е истакната кибер безбедноста како особено важна, бидејќи со зголемување на меѓусебната вмреженост растат и безбедносните закани за дигиталните системи. Притоа е истакнато дека градењето на силна одбрана е особено важна за заштита на критичната инфраструктура.
Беа претставени сите важни СЕДМ процеси, како и активностите на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG), на чија команда сме домаќини, додека на крајот од состанокот е усвоена заедничка декларација со која се одобруваат актуелните активности и верификуваат идните планирани активности.
Следниот состанок на замениците-началници на Генералштабови на армиите на земјите членки е планиран да биде организиран во Софија, согласно усогласениот календар за состаноци.