Припадниците на Армијата кои ќе учествуваат во активностите на НАТО за зголемена будност, со воена церемонија во касарната „Илинден“ се упатија на извршување на задачите во склоп на операцијата.
Првите контингенти кои се во состав од по еден вод ќе учествуваат во заедничките активности на формираните мултинационални сили на НАТО, кои се разместени на определени локации во Романија и Бугарија.
На воената свеченост во присуство на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, пред припадниците на Армијата обраќање имаше министерката за одбрана, Славјанка Петровска и началникот на штаб на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски.
Министерката за одбрана, Петровска во своето обраќање истакна дека припадниците на Армијата, учествувајќи во оваа мисија ќе го дадат својот придонес во колективните напори за зацврстување на безбедноста и стабилноста на НАТО. „Ве очекуваме по вашата ротација со уште поголемо искуство, и со уште посилен мотив да продолжите секојдневно да работите за просперитетот на својата нација“, им порача министерката.
Генералот Ѓоргоски истакна дека ова наше учество претставува континуитет на Армијата во меѓународните мисии предводени од НАТО, ЕУ и ОН кое трае повеќе од 20 години, и значи не само потврда на искуството и професионализмот, туку и огромна потврда која ја уживаме кај нашите сојузници.
Зајакнато истурено присуство, односно Enhanced Forward Presence (eFP) за првпат беше воспоставено во 2017 година, со создавање на четири мултинационални борбени групи со големина на баталјон во Естонија, Летонија, Литванија и Полска. Тие ја демонстрираат силата на трансатлантската врска и јасно кажуваат дека нападот врз еден сојузник би се сметал за напад врз целата Алијанса.
Учеството во рамките на НАТО операцијата „Зајакнато истурено присуство“ го отпочнавме од јуни 2022 година, со по едно АБХО и артилериско одделение во Летонија во рамки на словенечкиот контингент.
По руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, сојузниците одлучија да формираат уште четири мултинационални борбени групи во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка. Со ова вкупниот број на мултинационални борбени групи се зголеми на осум и тие се протегаат по целото источно крило на НАТО – од Балтичкото Море на север, до Црното Море на југ.
За Армијата на Република Северна Македонија, доверената одговорност рамноправно да учествува во меѓународните комплексни операции за мир, само по себе е признание кое покажува дека сме сојузничка армија која активно го дава својот придонес во сите активности на Алијансата.