Командата за обука и доктрини (КОД), како носител на традицијата на пристигнувањето на првиот регрут на отслужување на воениот рок во македонската Армија, денес во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес со воена свеченост го одбележа 15 април – Денот на единицата.
На свеченостa покрај началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и заменик-министерката за одбрана Елфет Исмаили, присуствуваа и заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, генерали во Армијата и МО, пензионирани генерали, поранешни команданти на КОД, воено-дипломатскиот кор, градоначалници од зоната на одговорност, претставници од локалната самоуправа, претставници на верските заедници и други гости.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски во своето обраќање истакна дека со прием на првиот македонски регрут пред 33 години на овој ден започна да се гради македонската Армија, симболизирајќи го почетокот на градење на нашите вооружени сили.
Генералот Лафчиски издвојувајќи ги поважните активности кои ги реализираше оваа команда, меѓу кои Конференција на Европските центри за обука, вежбите „SEVEN STARS 25“ и „Maple Arch 24“, за кои беа добиени високи оценки и признанија претставуваат само потврда на тоа што досега беше многупати покажано на дело дека припадниците на КОД имаат знаење и капацитет во целост да ги реализираат доделените задачи кои произлегуваат од мисијата на командата.
Генералот Лафчиски ја истакна важноста на функционирањето и понатамошниот развој на армискиот полигон „Криволак“, како приоритет на Армијата и Министерството за одбрана, кој со навремено идентификување на потребите во текот на изведување на вежбите и активностите, како и интензивна соработка со нашите стратешки партнери, треба да стане препознаен европски полигон за обука со капацитети и можности да акомодира единици со јачина од бригада плус.
Командантот на КОД, бригаден генерал Лулзим Нуредини во своето обраќање се осврна на реализираните задачи во изминатиот период, воедно посочувајќи ги претстојните активности како што се: обука на новопримените професионални војници, курсот за подофицери, курсот за офицери за служба во Армијата, како и поддршката на меѓународната вежба „Immediate response 25“. Генералот Нуредини нагласи дека КОД ќе продолжи да биде симбол на посветеност, вештини и партнерство, водејќи се според своето мото „Секоја вештина бара усовршување“.
Во рамки на свеченоста беа доделени и НАТО медали за будност, стимулативни мерки на припадници на КОД за постигнатите резултати во работењето, благодарници на организации и поединци со кои соработува командата, како и дипломи на екипите кои учествуваа во спортските натпревари организирани по повод денот на единицата.
Дополнително на победниците на ликовниот и поетскиот конкурс, организиран во соработка со основните училишта „Рајко Жинзифов“- Оризари и „Тодор Јанев“- Чашка, им беа доделени соодветни признанија и награди. На настанот се прочита и најдобрата поема, а беа изложени и цртежи од ученици од основните училишта во Велес.
Свеченоста беше збогатена и со показна вежба со службени кучиња од Центарот за одгледување и дресура, кој е дел од КОД.