Со воена свеченост, денес, во касарната „Илинден“ во Скопје, припадниците на Баталјонот на специјални сили (бСС) го одбележаа 1 Март – Денот на единицата, продолжувајќи ги традициите од денот кога на 1 март 1994 година беше формиран 6. Одред, со што беа поставени темелите на првата специјална и професионална единица во Армијата.
На свеченоста присуствуваа: министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, генерали од Армијата, поранешни команданти на единицата, претставници од Министерството за внатрешни работи, претставници од институции и други гости.
Министерот Мисајловски пред припадниците на баталјонот истакна дека „Специјалните единици се пример за сите останати“ зашто покажуваат највисок професионализам. „Македонската армија е НАТО – Армија. Тоа не се брани само на столчето во седиштето на НАТО, туку и на терен, каде заедно со вашите колеги од сојузничките армии покажувате дека сте изградени согласно највисоките стандарди на Алијансата. Стоењето „рамо до рамо“ со нив е најголемиот доказ дека припаѓаме на тој елитен клуб, дека имаме јасна визија и дека имаме врвни професионалци и водство кое секогаш дава сè од себе“, рече министерот.
„Модернизацијата на Армијата продолжува со интензивно темпо“ и додаде дека тоа е инвестиција во иднината на земјата. “Безбедноста не е случајност, туку резултат на подготовка и напорна работа”, заклучи Мисајловски.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски истакна дека овој датум нè потсетува дека силата на една армија се мери пред сè со нејзините припадници, со нивниот карактер, дисциплина и подготвеност да ја стават должноста пред личниот интерес. „Да се биде припадник на специјалните сили значи да се прифати највисокиот стандард на војничката професија“, нагласи генерал-мајор Лафчиски.
Оддавајќи почит кон поранешните припадници на единицата кои го положија својот живот во служба на татковината, началникот на Генералштабот истакна „Tие чекореа таму каде што опасноста беше најголема, водени од должноста и љубовта кон својата земја“. Генералот Лафчиски им порача на сегашните припадници на баталјонот да останат верни на вредностите врз кои е изградена единицата – честа, должноста и татковината како највисок идеал.
Командантот на Баталјонот на специјални сили, потполковник Благоја Наумов, наведе дека овој ден е симболот на непокорноста, челичната дисциплина и нескршливата волја. „Да се биде дел од оваа единица не е само професија, тоа е повик“, нагласи потполковник Наумов, додавајќи „Нашето присуство е гаранција за мирот, а нашата подготвеност е штитот на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата“.
Во рамките на свеченоста беа доделни стимулативни мерки на припадници на баталјонот кои постигнале особени резултати во работата во изминатиот период.
По повод Денот на единицата, пред спомен-обележјето на загинатите припадници на бСС, во касарната „Илинден“, со полагање на свежо цвеќе оддадоа почит: делегации предводени од министерот Мисајловски, генералот Лафчиски, претставници на командите и единиците на Армијата, претставници на семејствата на загинатите и други гости.








