Денеска (28 март) во касарната „Илинден“ во Скопје се одбележа 5-годишнината од членството на нашата држава во Алијансата. Настанот на кој присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, командантот на Командата на Здружените сојузнички сили во Неапол, адмиралот Стјуарт Манч и останати гости, започна со едноминутно молчење и истрелување на плутони од 59 стрелци во спомен на 59-те жртви во трагичниот настан во Кочани.
Претседателката Сиљановска – Давкова обраќајќи се пред присутните порача дека уште од првите години на нашата самостојност и независност изграден е натпартиски консензус меѓу македонските граѓани за потребата од интеграција во НАТО, како услов за создавање амбиент на мир, стабилност и просперитет на генерациите што доаѓаат.
Македонското членство во НАТО, рече претседателката, беше препознаено како врвна стратешка цел заедно со членството во Европската Унија.
„Меѓу нас се дел од ветераните на македонската одбрана коишто своите кариери ги посветија на остварувањето на оваа цел. Но, факт е дека за остварување на оваа стратешка цел беа вложени огромни напори и направени големи жртви и болни компромиси какви што не се барале од ниту една друга држава – кандидат. Најтешкиот дел од патот до НАТО беше секако изоден од воените и цивилни припадници на Армијата, кои преку макотрпни реформи континуирани воени вежби и ризични мировни мисии стекнаа непроценливо искуство, но и голема заслужена почит од сојузниците. За тоа сведочат бројните признанија за стручноста, компетентноста, пожртвуваноста на припадниците на Армијата од страна на нашите стратешки партнери и високи претставници на НАТО. Не случајно како врховна командантка на Вооружените сили се гордеам со нашата Армија, како наш важен актер во НАТО“, рече претседателката.
Министерот Мисајловски ја истакна важноста на Алијансата наведувајќи „Зборовите на утеха, а уште повеќе подготвеноста да се помогне е она кое од нас 32 земји во НАТО прави една здружена, обединета сила која е подготвена да излезе во пресрет на секоја една земја членка“. При ова министерот нагласи дека НАТО не е само воено-политички сојуз кој ги штити надворешните граници на земјите членки, туку сојуз кој има една заедничка суштина – грижата едни за други.
Министерот се осврна и на професионализмот на сите 146 припадници на Армијата кои беа ангажирани во поддршка на институциите по трагичниот настан и кои мораа да се изборат со сопствените чувства и тагата и најпрофесионално да одговорат на задачите.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски кој навраќајќи се на трагедијата во Кочани, во која загинаа 59 лица, наведе дека при овој настан се покажала вредноста на сојузништвото, пријателството и добрососедството, нагласувајќи дека во најтешките моменти целиот регион и пошироко се мобилизира во несебична поддршка. Дополнително, генералот истакна дека оваа трагедија прикажа што значи НАТО во неговата изворна форма изразена преку директната поддршка добиена од земјите членки.
Осврнувајќи се на идните предизвици на Армијата, генералот Лафчиски наведе „Наша цел продолжува да биде создавање на современа, мобилна и технолошки напредна Армија, Армија која е кредибилен сојузник, Армија која доследно ги исполнува обврските кон Алијансата и е силно посветена на колективната безбедност“.
Адмиралот Манч, како највисок претставник од структурите на НАТО истакна дека нашата држава во многу наврати докажа дека е силен и способен сојузник и контрибутор. Адмиралот порача дека со декади нашите војници стоеја рамо до рамо во операциите на НАТО – во Авганистан и во Ирак, а со учеството во мисиите на Косово и во Босна и Херцеговина нашата земја ја демонстрира посветеноста и кон регионалната безбедност. „НАТО може да се потпре на Северна Македонија и Северна Македонија може да се потпре на НАТО“, рече адмиралот Манч.
На одбележувањето на годишнината од членството во НАТО, за прв пат во македонската Армија беше доделен и „НАТО медалот за будност“ на армиските припадници кои беа распоредени во рамките на мултинационалните сили на Алијансата во Латвија, Романија и Бугарија од јуни 2022 до декември 2024 година.