Заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, денес, 26.09.2025 година, во Сараево, Босна и Херцеговина присуствуваше на Денот за високи гости на мултинационалната вежба „Quick Response 2025“.
Во рамки на посетата, генералот Нуредин оствари средба со командантот на ЕУФОР АЛТЕА, генерал-мајор Флорин-Маријан Барбу, како и со останати високи претставници присутни на настанот. На средбата се разговараше за состојбата во регионот, како и за придонесот на нашата Армија во мисијата ЕУФОР АЛТЕА.
Дополнително генералот Нуредин ги посети и припадниците на Армијата на Република Северна Македонија распоредени во мисијата ЕУФОР АЛТЕА, кои воедно учествуваа и на самата вежба. Во оваа прилика, генералот им изрази признание за нивниот професионален ангажман и посветеноста при извршување на нивната должност во рамките на мисијата.
Вежбата „Quick Response“ е мултинационлна воена вежба која се спроведува во рамките на мандат на Операцијата ЕУФОР АЛТЕА и ја демонстрира цврстата посветеност на меѓународната заедница за одржување на безбедна и сигурна средина во Босна и Херцеговина, согласно Резолуцијата 1575 (2004) на Советот за безбедност на ОН и последователните обновувања.
Оваа вежба од 2012 година се одржува секоја година со цел унапредување на подготвеноста, интероперабилноста и заедничките оперативни способности на вооружените сили на државите учеснички. Исклучок беше 2014 година, кога како резултат на тешките поплави што ја зафатија Босна и Херцеговина, сите распоредени трупи на ЕУФОР беа приклучени во поддршка на националните власти во рамките на заеднички хуманитарен ангажман „Операција Joint Effort 2014“.