Денес, 14 октомври 2013 година, во Центарот за обука „Пепелиште“ се одржа свеченост за отварање на теренската вежба „Македонски Блесок-9“. На чинот на свеченото отварање пред учесниците на вежбата се обрати Заменикот на командантот на Здружената Оперативна Команда, бригаден генерал Мухамет Рацај кој истакна дека реализацијата на вежбата „Македонски Блесок-9“ за Армијата на Република Македонија претставува задача од врвен приоритет од што ќе произлезе самооценување Ниво 2 на Средната Пешадиска Баталјонска Група и НАТО оценување Ниво 1 на Лесната маневарска болница.
Генералот Рацај истакна дека високите оценки кои ги добиваме во континуитет од НАТО при извршувањето на мировните мисии, но и успешно изведените вежби за оценување на декларираните единици, се најголемата гаранција дека и оваа, од многу аспекти комплексна вежба ќе ја реализираме со успех.
На вежбата и претходеа неколкумесечни индивидуални и колективни подготовки, со цел да се изврши обука и извежбување во разни ситуации, согласно листата на задачи на НАТО при изведување на операциите за поддршка на мирот. Оваа вежба ќе биде една од најсложените и најголемите досега, со оглед на бројот на учесниците (околу 1700 припадници на АРМ), но со примена на искуствата и научените лекции стекнати од досегашните вежби и учеството во меѓународните мисии, се очекува таа да биде беспрекорно реализирана и да ја постигне очекуваната цел.
Вежбата „Македонски Блесок-9“ е жива вежба со единици на терен базирана на сценарио за операции за поддршка на мирот предводени од НАТО/ЕУ, а под мандат на ОOН, со која треба да се демонстрира обученоста и целосна интероперабилност со Армиите на земјите-членки на НАТО. Согласно сценариото, вежбата ќе се реализира во четири фази и ќе заврши на 18 Октомври со првичниот брифинг за постигнатото оценување.