Почитуван господнине Претседател и Врховен командант на Вооружените сили на Република Северна Македонија,
Почитуван Претседател на Владата ,
Почитуван Потпретседател на Собранието,
Почитувана Министерке за одбрана,
Почитувани пратеници во собранието, министри, амбасадори, генерали и претставници на воено дипломатскиот кор,
Почитувани војници, старешини, цивилни лица во Армијата и припадници на Министерството за одбрана,
Драги гости, дами и господа,
Ми претставува чест и задоволство да Ви се обратам по повод Денот на Армијата – 18-ти август. Овој ден е голем за сите нас припадниците на Армијата, кој претставува единствена прилика кога сите ние заедно, гордо и достоинствено го прославуваме роденденот на нашата Армија.
Почитувани,
Се заокружи првиот мандат од моето поставување за началник на Генералштабот на Армијата.
Сакам да истакнам дека ми претставува привилегија да продолжам да командувам со Армијата свесен за одговорностите и очекувањата од државниот врв, но и од вас припадниците на Армијата.
Денес од овој свечен собир, можам да ветам дека ќе продолжам да менаџирам со сите човечки и материјални ресурси на Армијата одговорно и со голем ентузијазам и проактивност во остварувањето на мисиите и задачите на Армијата, но и државните стратегиски цели, во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија.
Армијата е субјект во општеството со висока доверба, затоа раководството на Армијата има одговорност и обврска, со соодветна професионалност, искуство, стручност и компетентност да обезбеди највисок степен на подготвеност за справување со сите предизвици со цел населението биде спокојно и да се гордее со нас и нашата Армија.
Впрочем, во ова време на светска пандемија, пожари во земјата и предизвици со мигрантска криза, покажуваме на дело, како ние припадниците на Армијата пожртвувано ја возвраќаме дадената доверба.
Ве уверувам дека така и ќе продолжиме во иднина!
Денес на Денот на Армијата сакам да оддадам признание и благодарност на сите учесници во кризата со мигранти, пандемијата и пожарите, признание на нашите херои, доктори, медицински персонал, војници, старешини, пожарникари, припадници на МВР и други субјекти учесници во настаните.
„ВИЕ СТЕ ХЕРОИ СО КОИ ДЕНЕС СИТЕ НИЕ СЕ ГОРДЕЕМЕ, НО И ГЕНЕРАЦИИ ПОСЛЕ НАС ЌЕ УЧАТ ЗА ВАШИТЕ ДЕЛА.“
Почитувани присутни,
Не толку далеку, во 1993 година во нашиот законодавен дом беше донесена одлука за пристапување во НАТО, со што беше зацртан евроатланскиот пат на нашата држава. После 27 години, заеднички успеавме да ја оствариме нашата државно-политичка цел. Станавме 30-та членка на најмоќната воено-политичка алијанса. За нас, членството во НАТО преставува огромно признание за нашата напорна и посветена работа во изминатите три децении во спроведувањето на потребните реформи и постигнувањето на неопходните стандарди, учеството во мировните операции како и креирањето на вистинската култура за да бидеме дел од НАТО.
Доста направивме и многу постигнавме, но имаме уште многу да работиме за да достигнеме целосна интероперабилност со нашите сојузници во НАТО. До крајот на оваа година ќе го финализираме процесот на воено пристапување во алијансата, со што практично ќе бидат усогласени и синхронизирани сите процеси помеѓу Армијата и НАТО. Тука завршува еден формален процес на воено пристапување, но интеграцијата во НАТО е еден континуиран процес кој практично никогаш не завршува туку напротив претставува постојано адаптирање на Армијата согласно заканите и безбедносните предизвици со кој се соочува НАТО.
Почитувани војници, старешини и цивилни лица во Армијата,
На овој ден, пред три години во своето обраќање како нов Началник на Генералштабот на Армијата дадов ветување дека искрено, пожртвувано и напорно ќе работам на подобрувањето на животниот стандард и подобрувањето на условите за живот и работа на сите припадници на Армијата. Ве уверувам дека со истиот ентузијазам и посветеност ќе продолжам да работам во наредниот период, со цел Армијата да ја направиме најпосакуваната државна институција за работа и развој на личната кариера.
Денес, од оваа дистанца со гордост можам да истакнам дека со цврста и континуирана поддршка на државното раководство, Врховниот командант, Собранието, Владата и Министерството за одбрана, многу постигнавме и достигнавме, но имаме уште многу да направиме.
Започнавме еден неповратен процес на трансформација на Армијата во мала, модернизирана и флексибилна Армија со компактна формациска структура која ќе може да одговори на мисиите и задачите на националната одбрана.
Ги обезбедивме неопходните работни услови за сите Вас и отпочнавме со исполнување на најскапиот и најобемниот план за модернизација на Армијата, за Вие да можете уште поуспешно и попрофесионално да ги извршувате нашите уставни задачи и мисии, како и целосен наш придонес во колективната одбрана, особено во зајакнувањето на јужното крило на НАТО.
Убеден сум дека преку континуирано подобрување на буџетот на одбраната, ќе успееме да ја спроведеме модернизацијата и оптимизацијата на армиските ресурси и ќе овозможиме Армијата да располага со високо технолошки средства и современа опрема потребни за декларираните единици, со цел наш придонес во исполнување на клучните задачи на НАТО.
Почитувани припадници на Армијата,
Активно продолжуваме да работиме на трансформацијата и реформите во Армијата кои имаат за цел да придонесат за подобрување НА борбената готовност, условите за живот и работа, унапредување на личниот стандард, моралот и задоволството на вработените на работните места, со што ќе ја направиме Армијата да биде институција која ќе промовира и обезбедува професионалност, стручност, компетентност, и која ќе го развива тимскиот дух, а со тоа да биде повеќе атрактивна за привлекување на млад персонал во својата структура.
Од нас се очекува истрајна и посветена работа согласно највисоките стандарди. Патот во спроведување на сите реформи во Армијата не е лесен и веднаш воочлив, но нашата решителност и посветеност во работата и искуствата стекнати од минатото, не прават уште помотивирани и поистрајни во спроведувањето на визијата и достигнување на посакуваните резултати, од кој верувам дека ќе бидеме задоволни и горди и ние и идните генерации.
Развојот во професионалната кариера на старешините и одржувањето на моралот претставува основа во развојот и одржувањето на стабилна структура на Армијата, која ќе биде спремна да ги изврши зададените задачи и да се справи со сите предизвици.
Во оваа прилика сакам да им го честитам унапредувањето на старешините и да им посакам успеси во работата, како и да упатам искрени честитки за наградените војници, старешини, цивилни лица и единици од составот на Армијата.
Продолжете со постигнување на успеси!
Визијата и целите кои ги поставувам пред себе и на кои посветено и истрајно ќе работам, е до крајот на вториот мандат, да ги видам нашите декларирани единици, построени и опремени со модерна опрема и средства, позитивно оценети според сите НАТО стандарди и подготвени активно да придонесуваат во извршувањето на мисиите на НАТО и задачите на националната одбрана.
На крај, ќе завршам со еден цитат од еден наш голем и искрен пријател, поранешен амбасадор на САД во Северна Македонија, неговата екселенција, г-нот Филип Рикер, кој вели (парафразирам):
„Лидерството, е во преземањето на одговорност и во подготвеноста за донесување на тешки одлуки кои имаат импакт врз останатите и иднината за државата!
Почитувани,
Продолжуваме креативно во остварување на нашите стратегиски цели! Тоа е наш патриотски долг и обврска кон татковината и идните генерации на нашата земја.
Да живее Армијата на Република Северна Македонија!
Да живее Република Северна Македонија!
Ви благодарам.