На армискиот полигон „Криволак“ и во Кампот за обука на вода во Охрид, повеќе од 220 припадници на Белгиските вооружени сили, распоредени со околу 40 возила, реализираа вежбовни активности кои не само што претставуваа тактички предизвик, туку и тестирање на планирањето, логистиката и командувањето.
Активностите на 2. Командоски баталјон од региментата на Белгиските специјални сили (2nd Commando Battalion of the Belgian Special Operations Regiment – 2Cdo), кои започнаа со индивидуална обука и усовршување на вештини како гаѓања, извидување и медицинска поддршка, подоцна беа насочени кон изведување на тактички борбени дејствија на ниво на вод и чета.
Разновидниот и простран релјеф на армискиот полигон „Криволак“ овозможи белгиските сили да извежбаат маневар од широк размер со употреба на различно вооружување и борбени системи.
Истовремено на Охридското Езеро се извежбуваа амфибиски процедури, инфилтрација со лесни пловила и извидување од вода. Идеалните услови со кои располага езерото овозможија усовршување на техники кои се од исклучителна важност во современите операции, односно истовремено дејствување на два различни домени-копно и вода.
На Денот за високи гости, кој се реализираше на 10 февруари на армискиот полигон „Криволак“, делегација од Армијата во чиј состав беа: директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Орце Јордев, командантот на Баталјонот за специјални сили, потполковник Благој Наумов и командантот на Центарот за поддршка на обуката, потполковник Горан Кимов имаа можност да ги проследат тековните вежбовни активности на припадниците на белгиската армија, притоа истакнувајќи ја блиската соработка меѓу двете нации. Делегацијата на Армијата беше присутна на активноста на покана од белгиското одбранбено аташе, полковник Ламбенс, амбасадорот на Кралството Белгија во нашата држава, Пол Ламберт и командантот на белгискиот полк за специјални операции, полковник Ван Поке.








