На 9 и 10 јуни, во градот Велес, по 53 пат се одржува традиционалната културна манифестација посветена на Коста Солев Рацин „Рациновите средби“. По повод чествувањето на името на големиот поет Рацин, организаторот на манифестацијата „Здружението на граѓани – Фестивал на античка драма СТОБИ“ од Велес подготви богата програма на активности, меѓу кои значајно место заземаа и активностите на припадниците на АРМ од касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес.
Согласно програмата, на 09.06.2016 година во попладневните часови, 13 (тринаесет) припадници на АРМ од касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес испукаа по еден куршум од Новиот мост во Велес како дел од процесијата во чест на Рацин, насловена „1000 свеќи за Рацин“. Потоа, на платото пред Спомен Костурницата од НОБ следеше свечено отворање на Рациновите средби каде беа ангажирани 12 (дванаесет) припадници на АРМ од касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес кои беа во улога на почесна стража пред споменикот.
За време на церемонијата повеќе делегации од државните институции и невладини организации од Република Македонија во чест на Рацин и борците од НОБ, на спомен костурницата од НОБ положија свежо цвеќе. Висока тричлена делегација од касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ присуствуваше на церемонијалниот дел од манифестацијата, оддаде почит на споменикот на паднатите борци и положи свежо цвеќе.
На крајот вечерната програма заврши со традиционалниот поетски митинг и спектакуларен балетски перформанс.