По повод Денот на Армијата на Република Македонија „18-ти Август“ во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ се одржа свечен собир на вработените. На свечениот собир присуствуваа сите вработени во касарната и поканети гости од локалната самоуправа, државните институции и здруженија на Велес.
Пред почетокот на свеченоста по повод Денот на АРМ делегација предводена од командантот на Командата за обука и доктрини (КОД), полковник Љупчо Костовски, положи свежо цвеќе на Костурницата во Велес, спомен обележјето на загинатите борци од НОБ. Почит оддадоа и делегации од кабинетот на градоначалникот на општина Велес, градоначалникот на општина Градско, Советот на општина Велес и општинската организација на Сојузот на борци и граѓани продолжувачи на традициите од НОБ.
На свечениот собир командантот на КОД во својот говор ги потсети присутните на историските настани и на годините на раст и развојот на АРМ. При тоа истакна дека денес КОД претставува расадник на индивидуално оспособен персонал за новите предизвици и постојано ги осовременува програмските содржини.
На свеченоста беа прочитани наредбите за унапредување и стимулативни мерки за припадниците од гарнизонот Велес.
За успешна соработка со органите на локалната самоуправа на Велес командантот на КОД им врачи благодарници на општинската организација на Сојузот на борци и граѓани продолжувачи на традициите од НОБ и на Територијалната Противпожарна единица од Велес.
По свеченоста присутните го разгледаа тактичко техничкиот (ТТ) збор каде беа изложени дел од вооружувањето и опремата.
ТТ зборот го посетија и разгледаа и граѓани кои во рамките на отворениот ден имаа можност да ја посетат касарната.