Денес, 29 јануари, во касарната „Алексо Демниевски Бауман“, во Велес, пред присутните припадници од штабот и командата на Командата за обука и доктрини (КОД) и ППКиЕ се одржа свеченост по повод прием на должноста началник на Центарот за изработка на доктрини, правила, упатства и научени лекции (ЦИДПУНЛ) во КОД.
На свеченоста пред присутните свое обраќање имаше командантот на КОД, полковник Васко Коколански, кој истакна дека примопредавање на раководните должности е редовна активност во командите и единиците на Армијата. На новопоставениот началник, потполковник Дејан Јовановски, му упати искрени честитки за поставувањето на новата должност и истакна дека од него се очекува успешно да менаџира и раководи со процесите на изработка, ажурирање и развивање на методологии за имплементација на доктрините, правилата и упатствата, а воедно му порача да продолжи посветено и континуирано да ги извршува обврските и должностите кои ги бара самата функција за постигнување на успеси во работата.
Во својот говор потполковник Дејан Јовановски се заблагодари за укажаната чест и доверба која му е доверена за поставувањето на должноста началник на Центарот за изработка на доктрини, правила, упатства и научени лекции. Од ова место целата своја енергија, знаење, вештини и посветеност ќе ги насочи кон справување со предизвиците со кои се соочува Центарот сѐ со цел успешно и ефикасно исполнување на мисијата на Центарот. Понатаму истакна дека моќта да изврши трансформација ја има само знаењето и обученоста, а токму затоа ЦИДПУНЛ е значаен и нераскинлив дел од КОД и има важна улога во прилагодувањето на потребите на новото време.