На 5 декември во Центарот за странски јазици во касарната „Илинден“ во Скопје, кој е дел од составот на Командата за обука и доктрини, се одржа свечено примопредавање на должноста началник на Центарот за странски јазици.
На свеченоста присуствуваа командантот на КОД бригаден генерал Лулзим Нуредини, како и командантите и началниците на првопотчинетите команди и единици на КОД, а воедно беа присутни и командантите на единиците кои се сместени во истиот гарнизон во касарната „Илинден“ во Скопје.
За време на свеченоста командантот на КОД бригаден генерал Лулзим Нуредини одржа пригоден говор каде што упати искрени честитки на новата началничка, посакувајќи ѝ успешна работа, бидејќи оваа позиција бара лидер кој ќе го препознае потенцијалот на Центарот, ќе го поддржи новиот кадар и ќе создаде услови за понатамошно унапредување во обуката, при што очекува да се продолжи со градење на силен, професионален и мотивиран тим, кој ќе ги следи најдобрите практики и стандарди. Додека пак на досегашната началничка ѝ посака среќни и долги заслужени пензионерски денови и јавно ѝ оддаде признание и благодарност за нејзината досегашна посветеност и труд, затоа што нејзиниот труд претставува значаен дел од мозаикот на успехот на ЦСЈ и КОД.
Досегашната началничка, цивилно лице Снежана Стојановска, која замина во пензија изрази голема благодарност за соработката со припадниците на ЦСЈ и КОД и упати топли честитки до својата наследничка, цивилно лице Наташа Андонова – Јовановска, која од денес официјално ја презема одговорноста за функционирањето на ЦСЈ и за натамошен развој на програмите за учење на англискиот јазик за припадниците на Армијата. Таа ѝ порача дека познавајќи ја како долгогодишна колешка е убедена дека како началник целосно ќе ја извршува својата улога на најдобар можен начин и дека таа е соодветен избор за продолжување на успешната функција на Центарот.
Новата началничка се заблагодари на довербата која ѝ е укажана и увери дека со посветеност и напорна работа целите на Центарот ќе бидат остварени, а воедно упати и повик за соработка кон сите присутни.
Центарот за странски јазици продолжува да игра клучна улога во подобрување на јазичните компетенции на припадниците на Армијата и во унапредувањето на меѓународната соработка и размена на знаење.








