На 08.11.2016 година, во Центарот за индивидуална обука (ЦИО), во Командата за обука и доктрини (КОД) се реализираше свеченост по повод завршувањето на Примарниот курс за лидери (ПКЛ 2-16). Курсот успешно го завршија 39 слушатели професионални војници од сите единиците на Армијата на Република Македонија.
На свеченоста, пригодно обраќање имаше Командантот на ЦИО, потполковник Газменд Абдиу и главниот подофицер на Здружената оперативна команда, воедно и вршител на должноста главен подофицер на АРМ, главен наредник Љупчо Стојков. За време на нивните обраќања тие на присутните им честитаа за успешно завршениот курс, ја истакнаа нивната посветеност за време на наставата и порачаа, знаењето кое го стекнаа за време на курсот да го пренесат во единиците од каде доаѓаат. Исто така, потенцираа дека овој курс задолжително треба да го заврши секој професионален војник кој својата кариера сака да ја продолжи како подофицер во Армијата на Република Македонија.
Низ процесот на обуката на курсот слушателите имаа можност да се оспособат и обучат за извршување на должностите во единиците како лидери на тимови и заменици командири на одделенија. Тие се стекнаа со знаења за местото и улогата на лидерот на тимот, како идни помошници на изведувачите на обуката.
На крајот на свеченоста на слушателите на курсот им беа врачени сертификати за успешно завршен курс.