Денес 03.07.2015 година во касарната „Алексо Демниевски – Бауман” во Велес, се одржи воена свеченост по повод давањето заклетва на војниците на доброволно служење на воениот рок од генерацијата „Јуни“ 2015 година.
Заклетва дадоа 123 војници меѓу кои 6 (шест) припаднички од понежниот пол. Ова е дваесет и шеста генерација војници кои доброволно го служат воениот рок.
На свеченоста по повод заклетвата присуствуваа Заменикот на министерот за одбрана на Република Македонија г-дин Иљми Селами, Началникот на штаб во Здружената оперативна команда, бригадниот генерал Стојан Димчов, Командантот на полкот за специјални операции, бригадниот генерал Васко Ѓурчиновски, претставници од ГШ на АРМ и единиците на АРМ, претставници од локалната самоуправа, роднини на војниците и други гости.
Заменикот на министерот за одбрана г-дин Иљми Селами на војниците им ја честита дадената заклетва посакувајќи им успех во наредните три месеци во редовите на АРМ. Воената професија е предизвик, чест и гордост за сите амбициозни млади луѓе, вашата мисија е да научите што повеќе од тајните на воената вештина, истакна заменик-министерот во својот говор. Тој нагласи дека со обучувањето на младите војници, се дава голем придонес не само кон созревање на младите генерации во државата, туку и кон негување на патриотизмот и љубовта кон татковината.
Заменик командантот на Команда за обука и доктрини, полковник Љубенчо Петровски на војниците им порача дека во наредниот период им претстои напорна работа во совладувањето на планираните содржини од обуката. Стекнатите знаења и трудот понатаму ќе бидат вреднувани, тоа ќе биде еден од елементите за оние кои сакаат во иднина да ја изберат војничката професија.