На 17.10.2025 година заврши четиринеделниот курс за Обновување на знаењето на англискиот јазик (КОЗАЈ 2-25), кој се одржа во просториите на Центарот за странски јазици (ЦСЈ), Команда за обука и доктрини. Курсот е креиран од страна на тимот на ЦСЈ, а го реализираа три професорки од ЦСЈ со долгогодишно искуство во држење настава по англиски јазик и со посебна професионална обука за креирање наставни материјали и специјализирани курсеви.
КОЗАЈ 2-24 е специјализиран курс чија основна цел е обновување на знањето на англискиот јазик, во поширокиот контекст на наставната програма од редовниот курс за ниво 2 во ЦСЈ. Курсот им овозможува на слушателите кои го учеле англискиот јазик, но активно не го употребувале на своите работни места, да го обноват и надградат своето знаење. За време на курсот слушателите следеа интерактивна и тематски организирана јазична настава во рамките на која беа претставени разновидни актуелни теми од современото живеење. Преку динамични активности и активна вклученост во јазичната настава слушателите имаа можност да го збогатат својот реченички фонд и да го подобрат своето познавање на англискиот јазик. На крајот од курсот на слушателите им беа доделени сертификати од страна на заменикот на командантот на КОД полковникот Дарко Стојкоски за успешно завршен курс при што им посочи дека се надева дека курсот им помогнал да ги надградат нивните вештини и слободно да го користат англискиот во секојдневниот и професионалниот живот но сега збогатени со нови дополнителни знаења со кои ќе имаат можност да ги имплементираат понатаму на нивните должности во единиците на Армијата.