Во касарната „Мирче Ацев“ Прилеп, со воена свеченост припадниците на артилерискиот баталјон (артб) го одбележаа 10 Април – Денот на единицата.
На свеченоста присуствуваа: командантот на Здружената оперативна команда, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, командантот на 1. механизирана пешадиска бригада, бригаден генерал Зоран Милески, команданти на единиците на АРМ, поранешни команданти на артилериските единици, претставници од Сојузот на борци, градоначалници на општините во регионот, претставници од јавниот и бизнис сектор во регионот и локалните медиуми.
Пред присутните со пригоден говор се обрати командантот на артб, потполковник Ивица Цветковски, кој се осврна на историјатот на единицата и ангажирањето на персоналот во поддршка на полициските сили во справување со бегалската криза.
По повод денот на единицата беа доделени стимулативни мерки на припадниците на баталјонот, додека водот на поручникот Џавит Зекири беше прогласен за најдобар вод и го доби преодниот пехар и знаменцето на единицата.
Во пресрет на 10. Април-Денот на единицата, припадниците на артилерискиот баталјон реализираа спортски натпревари со екипи од градот, крводарителска акција, посета на музејот 11. Октомври, хуманитарна акција за децата од Центарот за лица со инвалидитет „Порака“ од Прилеп и тактичко технички збор со изложба на вооружување и опрема за учениците од основните и средните општински училишта.
Со одлука на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов,10 Април е одреден за Ден на артилерискиот баталјон, како датум од поновата историја, кога е формирана првата артилериска единица во АРМ во независна и суверена Република Македонија.