На 22 мај 2025 година, учениците и одговорниот персонал од Државниот училиштен центар за образование и рехабилитација (ДУЦОР) „Партениј Зографски“ – Скопје реализираа едукативна посета на единиците на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) на Армијата. Посетата беше организирана во рамки на пошироката иницијатива за вклучување на млади лица со попреченост во програмите за цивилно-воена соработка.
Во текот на посетата, учениците имаа можност да се запознаат со основите на воената авијација на интерактивен начин, со посебен акцент на визуелна и практична презентација на воздухопловната техника и секојдневните задачи на припадниците на вВИНГ. Настанот беше целосно прилагоден на потребите на учениците, преку активна употреба на знаковен јазик од страна на наставничка од ДУЦОР „Партениј Зографски“-Скопје.
Учениците со големо интересирање ги разгледуваа авионите и хеликоптерите, при што дел од леталата беа достапни и за внатрешна обиколка. Стручниот кадар на вВИНГ обезбеди детални и разбирливи објаснувања за техничките карактеристики на воздухопловите, како и за улогата на пилотите, техничарите и останатиот персонал.
Како знак на благодарност за поддршката и отвореноста, ДУЦОР „Партениј Зографски“ му додели благодарница на вВИНГ, истакнувајќи ја важноста на ваквите едукативни и инклузивни иницијативи.
Оваа активност претставува позитивен пример за успешно поврзување на Армијата со образовните институции за ученици со попреченост, со цел создавање инклузивна средина која ги мотивира младите да ги истражуваат различните професионални можности, особено во техничките науки и авијацијата.
Воздухопловниот ВИНГ уште еднаш ја потврди својата определба за транспарентност, едукативна соработка и поддршка на младите генерации во нивниот личен и професионален развој.