На 23 мај 2025 година, учениците од Основното училиште „Кочо Рацин“ од Скопје имаа уникатна можност да се запознаат со светот на воената авијација, преку организирана едукативна посета на воздухопловниот ВИНГ на Армијата. Оваа посета беше дел од пошироката програма за соработка меѓу воените и образовните институции, со фокус на запознавање на младите со современите одбранбени технологии и мотивирање кон идни професионални насоки.
Учениците имаа одлична можност во воздухопловниот ВИНГ, преку демонстрации и интерактивни презентации, да се запознаат со мисијата, техниката и тимската работа, која ја одржува оваа витална компонента на Армијата во постојана подготвеност. Посебен интерес предизвикаа непосредните средби со пилоти, инженери и технички персонал, кои им ги претставија нивните секојдневни задачи, објаснија детали за функционирањето на леталата и споделија инспиративни приказни од својата служба.
Во рамки на посетата, учениците имаа можност одблиску да ги разгледаат авионите и хеликоптерите, при што дел од леталата беа отворени за влез, а покрај нив беше распореден дел од воздухопловниот персонал кој трпеливо одговараше на нивните прашања. Овој директен контакт не само што ја разбуди нивната љубопитност, туку создаде и автентично разбирање за значењето на воздухопловството во одбранбениот систем на државата.
Настанот претставуваше инспиративно доживување за учениците и истовремено поттик за размислување за идни кариери поврзани со технологијата, инженерството и националната безбедност. Воздухопловниот ВИНГ е отворен за соработка со заедницата и останува посветен на градење врски со младата генерација преку вакви едукативни активности.