Во периодот од 19.10-21.10.2016 година воздухопловната бригада (вбр) беше посетена од страна на делегација од Генералштабот на Воената Авијација на Република Грција – Директорат А4.
Цел на посетата беше „Експертски разговори и размена на искуства во врска со воздушното набљудување, воздушното патролирање (Air Policing), Renegade, Обука на персоналот и ASDE (Air Situation Data Exchange) програмата за размена на радарски податоци за ситуацијата во воздушниот простор.
Делегацијата беше примена од страна на заменик командантот на вбр полковник Заим Шкријељ кој им се заблагодари за посетата и им посака успешни разговори за време на престојот.
Во првиот дел од состанокот беше презентирана мисијата, задачите и структурата на вбр. Потоа следуваше презентација од страна на заменик командантот на баталјонот за воздушно набљудување и јавување (бВНЈ) мајор Оливер Стојановски во врска со мисијата, задачите, структурата како и тековни проекти и идни планови за реализација на програмата ASDE на бВНЈ.
Од страна на грчката делегација следуваше презентација за мисијата и функциите на системот за противвоздушна одбрана (ПВО) на Р. Грција, системот за командување и контрола (Air C2), како и средствата за ПВО (воздухоплови и средства за ПВО стационирани на земја – GBAD), кои се на употреба во воздухопловните единици.
Експертските разговори продолжија да се реализираат во насока на размена на стекнатите искуства и согледување на идна соработка која произлегува од Меморандумот за разбирање и Техничкиот договор помеѓу Република Македонија, НАТО и Република Грција за реализација на програмата ASDE.