Во период од 2 до 6 март 2026 година, во касарната „Јане Сандански“ во Штип се реализираше Финалната координативна конференција (ФКК) за вежбата „Блесок 26“ (Б26), како последна и клучна фаза од целокупниот планирачки процес за претстојната национална вежба.
Финалната координативна конференција претставува завршен чекор во подготовките за реализација на вежбата, во чии рамки Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), како НАТО декларирана единица, ќе ја демонстрира својата оперативна подготвеност и способност за извршување на доделените задачи во согласност со утврдените стандарди на НАТО алијансата.
На отворањето на конференцијата беше истакнато дека успешната реализација на „Блесок 26“ е резултат на повеќемесечен, систематски и координиран процес на планирање, во кој беа вклучени сите носители на задачите. Притоа беше нагласена важноста од целосна синхронизација помеѓу тимот за планирање, оценувачкиот тим и тимот кој во рамки на вежбата ја претставува повисоката команда, со цел создавање реално, динамично и издржано оперативно опкружување.
Во текот на петдневната конференција беа реализирани следните активности:
- Финализирање и усогласување на организациската и оперативната наредба со сите прилози и анекси;
- Потврдување на главната листа на настани и инциденти (MEL/MIL) со цел обезбедување реалистично сценарио;
- Дефинирање на конечната листа на учесници и нивните задачи, одговорности и временски рокови;
- Прецизирање на логистичките барања, транспортот, медицинската поддршка и материјално-техничките средства;
- Финализирање на планот за комуникации и безбедносните процедури;
- Координација и интеграција на активностите со оценувачкиот тим и тимот кој во рамки на вежбата ја претставува повисоката команда, во функција на објективно и сеопфатно оценување.
Во рамки на конференцијата беа реализирани и завршни координации поврзани со активностите кои ќе се изведуваат на армискиот полигон Криволак и во Центарот за обука „Пепелиште“, при што беа потврдени условите за непречена и безбедна реализација на сите планирани содржини.
Со завршувањето на Финалната планирачка конференција, официјално се заокружи планирачкиот циклус за вежбата „Блесок 26“. Потврдените документи, заклучоци и насоки претставуваат цврста и функционална основа за успешна реализација на вежбата, со јасна цел унапредување и верификација на борбената готовност на ЛПБГ согласно највисоките стандарди.








