На ден 09.12.2025 година, во воздухопловниот ВИНГ се реализираше годишното информирање, на кое командантот, полковник Драган Павловски пред припадниците на единицата презентираше резиме од активностите, резултатите и постигнувањата за изминатата година. Во рамките на информирањето беше истакнато дека во текот на годината се реализираа многубројни задачи произлезени од мисијата на единицата, со што значително беше подигната вкупната оперативна подготвеност.
Посебен акцент беше ставен на спроведените обуки, курсеви и вежби, кои овозможија континуирано јакнење на стручните, техничките и професионалните способности на персоналот. Преку ангажман во национални и меѓународни активности, припадниците на единицата го потврдија својот висок степен на подготовка и интероперабилност.
Понатаму, беа презентирани резултатите од унапредувањето на инфраструктурните и воено воздухопловните капацитети, при што беше истакнато дека подобрените услови за работа, модернизацијата на дел од опремата и планираните вложувања создаваат поефикасна средина за извршување на задачите. Овие процеси ќе продолжат и во текот на следната година, со цел понатамошно зајакнување на способностите на воздухопловниот ВИНГ.
Командантот потенцираше дека развојот на човечкиот потенцијал останува еден од главните приоритети. Континуираните вложувања во кадарот, обуките, професионалниот развој и унапредувањето на работните услови претставуваат важен сегмент во изградбата на силна и ефикасна единица подготвена да одговори на сите задачи.
На крај, командантот им се заблагодари на сите припадници за нивниот професионален ангажман, посветеност и успешно реализираните активности во текот на изминатата година, истакнувајќи ја важноста на нивниот придонес за постигнатите резултати и за понатамошниот развој на единицата.









