Инженерискиот баталјон (инжб) од составот на Командата за операции (КО) во касарната „Илинден“, со почитување на процедурите и протоколите за заштита од Ковид – 19 одржа симболична воена церемонија по повод 13 ноември – Ден на единицата, на која воедно се изврши и примопредавање на должноста командант на единицата.
Во говорот по повод Денот на единицата, командантот на КО, генерал–мајор Павле Арсоски осврнувајќи се на историските традиции кои ги негуваат припадниците на баталјонот, истакна дека датумот кога е формирана Инженериската бригада на 13.11.1944 година е значаен и од фактот затоа што на овој ден е извршено и ослободувањето на градот Скопје. Во однос на смената на командантските позиции на инженерците, на досегашниот командант, потполковник Томе Пеев му изрази благодарност за постигнатите резултати во работењето, пред се за неговите способности околу реализација на инфраструктурните проекти на АП „Криволак“ кои се приоритетни за нашата Армија.
На новопоставениот командант на инженерискиот баталјон му порача дека мора со уште позасилено темпо да ги реализира поставените цели. Командата за операции има многу приоритетни обврски и задачи, а една од нив е и проектот на АП „Криволак“, кој ќе биде нашата лична карта пред НАТО сојузниците.
Потполковник Пеев во својот говор ги истакна позначајните активности кои ги реализира инжб во текот на неговото командување. Изрази задоволство од соработката и успехот со своите потчинети, кои професионално и доследно ги извршуваа своите задачи. Како голем успех за единицата во насока на подобрување на условите за работа се новодобиените инженериски средства со чија помош се реализираат проектите на АП „Криволак“.
Во својот говор, потполковник Илчо Заковски, истакна дека сите припадници на инжб заедно и сплотено, како и досега, ќе го градат имиџот и успехот на единицата. Предизвиците никогаш не се лесни, но не и неостварливи. Делата ќе говорат за тоа. Тој му посака успешна понатамошна кариера на потполковник Пеев на новата должност во командата на 1. пешадиска бригада.
Смената на командантите официјално се изврши со церемонијалното предавање на знамето на инженерискиот баталјон.
Со одлука на претседателот и врховен командант, 13 ноември е датум со историско значење и инжб е назначен за носител на традициите на Инженериската бригада на Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди, формирана на 13.11.1944 година.
СЈ/ЧС