Командантот на Здружена оперативна команда (ЗОК), бригаден генерал Павле Арсоски оствари средба со штабните офицери на АРМ кои заминуваат во мировната операција „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина.
За време на средбата, генералот Арсоски им порача дека од нив се очекува достојно и професионално извршување на задачите со што би го задржале и унапредиле нивото на нивните претходници, за што се добиени и многу признанија од надлежните авторитети.
На штабните офицери им претходеше соодветна стручна подготовка, што претставува потврда за успешно извршување на мисијата и одговор на предизвиците, со кои ќе се соочат во следните шест месеци, на должностите во рамките на мировната операција „АЛТЕА“.
Претходно од касарната „Јане Сандански“ – Штип беше реализирано и испраќање на единицата за заштита на силите на главната команда и на штабни офицери на АРМ кои заминуваат во командата за обука советување и асистенција на главниот град (КОСА ГГ) во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
Армијата на Република Македонија преку учеството во мисијата „Одлучна Поддршка“ во Авганистан, „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, како и во останатите мисии предводени од ЕУ и ОН, го потврдува својот придонес во зачувувањето на глобалниот мир и безбедност.