Во периодот од 24 до 28.11.2014 година во касарната „Чеде Филипоски – Даме“ во Кичево се реализира колективна обука со персоналот од четата за заштита на силите од борбената група на Европската Унија (ЕУБГ 2014-2).
Во текот на обуката поголем аспект се даде на техниките на движење во населено место, борба во населено место, техники на влегување на тим во просторија, процедури на тимот при влегување и претрес на објект и зграда.
Со реализација на предвидените теми се кондицираат веќе стекнатите знаења, согласно Планот за дообука на четата во периодот на готовност. Постигнати се потребните техники, тактики и процедури при изведување на планираната обука и преку изведувањето на разните форми на обука персоналот покажа високо ниво на обученост и професионализам.
Декларираната единица на АРМ е дел од борбената група на ЕУ која е предводена од Вооружените сили на Кралството Белгија, а во која учествуваат и армиите на: Холандија, Луксембург, Шпанија и СР Германија.