Согласно Годишниот план за обука за 2018 година, старешините од Здружената оперативна команда (ЗОК), во деновите 20 и 21 јуни 2018 година, реализираа заедничка практична форма на обука на извидување на просторот на источна Македонија. Командата и штабот на ЗОК ја предводеше командантот на ЗОК, бригаден генерал Павле Арсоски.
Целта на оваа активност беше да се извиди просторот и да се согледаат неговите воено-географски карактеристики, тактички услови како и просторните ограничувања кои влијаат на проценката и организација на борбени дејства.
Командантското извидување се реализираше на три работни точки: Штип, Делчево и Кочани.
На практичната работа по работните точки началниците на секциите беа брифирани за разузнувачка подготовка, географската и тактичка ориентација на теренот, проучување на земјиштето и неговите карактеристики и начинот на содејство и координација со останатите субјекти на одбранбено-заштитниот систем на Република Македонија.
Ваков вид на форма на практична обука редовно се изведува во Командата на ЗОК и потчинетите единиците, со цел запознавање на теренот со стратегиско-тактичките правци на територијата на Република Македонија и обука и надградба на командниот кадар.
Во рамките на командантското извидување се реализира и посета на градоначалникот на Општина Штип, универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, музеите на град Штип и во Ново Село, со цел претставување, воспоставување и продлабочување на заедничката соработка со цивилните структури.